Image by Nino Carè from Pixabay

Дури 46 отсто од предлозите на жртвите на семејно насилство до судовите биле повлечени, додека пак 40 отсто од сторителите признале вина. Она што е важно да се истакне е дека главните причини поради кои се одолговлекува судската постапка е одложувањето на рочиштата и големиот проток на време помеѓу едно и друго рочиште. Исто така, се забележува и отсуство на обвинетиот или пак, на јавниот обвинител кои се најважните во процесот без кои не може да се одвива судската постапка, покажуваат податоците на истражувањето на Коалицијата „Сите за правично судење“, во рамки на проектот „Евалуација на стандардите за фер судење и пристап до правдата во судски предмети за семејно насилство и криминал од омраза“

„Според наодите од истражувањето, 82 отсто од случаите од семејно насилство, сторителите се мажи, а 87 проценти од жртвите се жени. Она што е евидентирано во анализата е во 64 отсто од случаите, сторителите добиле условна осуда, а 25 проценти казна затвор“ додаде Душко Арсовски, правен експерт во Коалиција „Сите за правично судење“ на денешната завршна конференција за промоција на финалната анализа.

Во врска со профилите на жртвите, повеќе од половина, односно 54 отсто од нив имаат средно образование, додека пак останатите 44 проценти се со високо образование. Најголем број од жртвите се на возраст од 31 до 40 години, додека пак мал процент се повозрасните групи од 40 години.

На денешниот настан кој беше во формат на панел дискусија, свој збор даде и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска која изрази благодарност до невладиниот сектор кој активно придонесува во градењето политики и решавањето на проблемот со семејно насилство.

„Токму денеска Законот за спречување и заштита од насилството врз жените и семејното насилство е на второ читање на пленарна седница, каде што треба да биде усвоен. Со него на еден системски начин ги адресираме сите видови на родово базирано насилство“, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Таа додаде дека во моментов во државата 11 специјализирани сервиси за згрижување на жртви на семејно насилство во Скопје, Велес, Кочани, Свети Николе, Битола, Прилеп, Охрид, Штип и Струмица. Од нив, два се кризни центри во кои жртвата престојува од 24 до 72 часа. Додека пак, во останатите сместувањето е од три месеци до година.

Освен ова, во државата постојат и 8 специјализирани советувалишта за жртви на семејно насилство и тоа во Скопје, Куманово, Тетово, Кавадарци, Прилеп, Битола, Охрид и Штип. Исто така, постои и советувалиште за сторители на насилство во Скопје, бидејќи како што рече Шахпаска и работата со нив е важна алатка во отстранување на насилството.

Судијката во Основен кривичен суд Скопје, Билјана Коцевска се надоврза за случаите и кажа дека од една страна, важно е како да се пружи навремена заштита на жртвата на семејно насилство, но и од друга страна да се почитува пресумцијата на невиност.

„Податоците од пробациската служба во судот покажуваат изречени се 11 пресуди за семејно насилство со условна осуда со заштитен надзор. Тројца од нив успешно ја поминале програмата во прв семеен центар, еден делумно ја поминал, двајца ја следат во тек итн. Тие имаат одлична соработка со прв семеен центар од каде навремено им се доставуваат извештаи и тие се единствените кои имаат психо-социјален третман“, рече Коцевска.

Таа појасни дека во случаите кога се изрекува условна казна важно е да се има предвид дека тоа се најчесто случаи во кои сторителот првпат го извршува тоа дело и во тие случаи најчесто станува збор дека и тој самиот во пораната возраст бил жртва на семејно насилство или пак, доаѓа од дисфункционално семејство. Она што е клучно, е работата и ресоцијализацијата и со сторителите на овие дела бидејќи самата казна по себе ќе нема очекуван ефект.

Јавниот обвинител во Основно јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ на панел дискусијата зборуваше за редовните тековни но и латентни проблеми, и инциденти во процесот на докажување на делото за семејно насилство. Таа истакна дека обвинителите се преоптоварени со случаи, и кога до нив ќе стигне ваков предмет со семејно насилство тие го следат по сите правни прописи, но само рутински, наместо да има детално профилирање на личноста односно на сторителот, какви се односите помеѓу него и жртвата, но и кои се проблемите со кои тие се соочуваат меѓусебно. Ова, како што рече Раичевиќ се должи на неопходноста на време, но и поддршка на стручен кадар на обвинителството. Освен ова, таа се осврна и на менталитетот и традиционалните вредности во општеството, за кои како што рече, не се единствениот виновник за зголемување на бројот на ваквите случаи. Поради ова, потребна е неопходна едукација, за сите возрасти и поеднакво и за мажи и за жени.

Адвокатката Марта Гусар, ја истакна важноста за почитување на законските рокови во постапката од страна на институциите, односно итноста во постапувањето и судење во разумен рок, кои ако не се почитуваат може само да резултираат со фемицид, а не како што треба, со заштита на жртвата.

Панелистите беа согласни дека семејното насилство е комплексен, сложен феномен кој го има во сите општества и дека не разликува пол, род, возраст, раса или пак етничка заедница. Како најголеми проблеми ги истакнаа недовербата кон институциите и стигматизацијата од најблиските и општеството. Нивниот заклучок беше дека секоја пријава од жртва на семејно насилство треба да биде земена со големо внимание и приоритет.