fbpx

Институциите почнаa да ги казнуваат напаѓачите на новинари

-

Емил Јакимовски, вработен во Централен регистар, месецов остана без работа и од 18 јануари се наоѓа во притвор за семејно насилство и за закани и навреди против две новинарки. Јакимовски се соочува со две кривични пријави, едната за неизвршување на судска одлука и друга за загрозување на сигурноста по пат на информатички систем. Ова е прв пат што еден заканувач на новинари да се соочи со силата на законот и брзо да биде процесуиран од полицијата и обвинителството. Тоа покажува дека институциите посериозно ги третираат повиците од новинарската заедница и меѓународниот фактор да стават крај на политиката на неказнивост на напади кон новинари.

ЕУ БАРА БРЗИ И ЕФИКАСНИ ИСТРАГИ

Во извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија во 2019 година, во делот за слободата на медиумите, јасно се истакнува загриженоста што двајца владини функционери се заканувале на медиуми и ги повикува политичарите да покажат поголема толеранција кон критиките од новинарите. Комисијата, исто така, ги повикува МВР и Обвинителството поефикасно да ги процесуираат нападите на новинари потсетувајќи ги властите дека 13 физички напади не се расветленени целосно поради непрофесионална истрага.

На иста линија со Европската комисија беше и европскиот експерт Рајнхард Прибе, кој во оценките и препораките од 2017 година за владеењето на правото, ѝ препорачува на владата да даде предност на истрагите за расветлување на нападите на новинари, кои треба да се завршат брзо.

Брзата реакција на институциите во случајот на заканите и навредите на Јакимовски кон новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска, покажува дека безбедноста на новинарите во Македонија последните две години е подобрена.  Исто така, воопшто е намален е бројот на нападите и заканите во споредба со претходните години. Минатата година, Здружението на новинари на Македонија има регистрирано само четири инциденти во кои се вклучени новинари, три вербални и еден физички напад. За споредба, во турбулентната 2017 година, ЗНМ регистрираше вкупно 20 напади на новинари, девет физички и пет вербални напади, три закани по живот, на двајца новинари им беше уништен приватен имот, а имаше и едно приведување од полиција.

Во публикацијата на Фондацијата „Метаморфозис“ за проценката на напредокот на Република Македонија во исполнувањето на политичките критериуми неопходни за членство во ЕУ, во делот на медиумските реформи, се наведува дека односот кон новинарите во земјава е променет по менувањето на владејачките структури во 2017 година.

СТАРИТЕ НАПАДИ НЕРАСВЕТЛЕНИ

И покрај подобрувањето на состојбата со безбедноста на новинарите последните три години, сепак во Северна Македонија сè уште широко е присутна политиката на неказнивост. Институциите, посебно, Министерството за внатрешни работи и Јавното обинителство, многу тешко ги расветлуваат старите напади од 2012 до 2017 година, кога новинарите станаа предмет на чести закани и напади, поради што ЗНМ почна да ги регистарира со цел да ја документира како негативна појава, која може да ја загрози слободата на говорот и на медиумите.

Новата влада, која беше формирана во јуни 2017 година, прогласи нулта толеранција за насилството врз новинари. Една од клучните точки на владиниот реформскиот План 3-6-9 беше борба против политиката на неказнивост. Планот предвидуваше Министерството за внатрешни работи да изготви посебен извештај за сите напади врз новинари. Извештајот беше објавен во мај 2018 година, а резултатите јасно потврдија дека во Македонија постои јасна политика на неказнивост за насилството врз новинари.

Според извештајот на ЗНМ за степенот на слободата на медиумите и за безбедноста на новинарите во 2018 година, кој се повикува на податоци од МВР, произлегува дека од 59 разни напади и закани на новинари што се случиле во претходните пет години, полицијата успеала целосно да расчистени само седум. За тие седум предмети МВР има поднесено кривични пријави против сторителите, меѓутоа Јавното обвинителство има прифатено само три пријави. Тоа значи дека овие четири предмети остануваат да лебдат во воздух затоа што полицијата ги смета за расветлени додека обвинителството ги отрфрла како неосновани и без докази да се покрене обвинителен акт.

ПРВАТА ЗАТВОРСКА КАЗНА

Во 2018 година Основниот суд во Скопје ја изрече  првата затворска казна од шест месеци за Матија Каников, кој во септември 2017 година на протестите на Движењето „За Заедничка Македонија“ во Скопје, физички нападна двајца новинари на А1Он. Следната година пресудата е потврдена од Апелацискиот суд, по што Каников заминал на отслужување на затворската казна.

Ефикасна постапка институциите водеа и во случајот на новинарот Армандо Брахо од Струга, кој во јануари 2018 година беше физички нападнат од активисти на опозициската партија Алијанса на Албанците на Зијадин Села со намера да го спречат да известува од предизборен митинг. Полицијата брзо ги идентификуваше напаѓачите и покрена пријави пред Прекршочниот суд во Струга. После шест месеци судот ги прогласи за виновни напаѓачите на Брахо и ги казни со парична глоба. Оваа одлука на судот е обжалена од одбраната, но нема информации дали пресудата е потврдена или отфрлена од повисок суд.

Како решени случаи полицијата ги води уште десет други предмети со тоа што писмено ги има предупредено напаѓачите и заканувачите на новинари. Така е затворен нападот на новинарот Борјан Јовановски, кој поради неговите критични текстови против тогашната власт, беше избркан од скопски ресторан од симпартизер на ВМРО-ДПМНЕ. За осум напади истрагата е завршена  со барање за покренување прекршочна постапка, а во уште толку предмети МВР доставило известување до Јавното обвинителство за покренување на прекршочни пријави.

За други 13 предмети истрагата е во тек затоа што полицијата сè уште прибира податоци додека непријавените напади не ги третира иако медиумите и новинарските организации јавно ги осудувале тие напади и бараа од институциите да ги казнат сторителите.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...