Институциите да не се правдаат дека немаат надлежност за Охрид, бараат екологистите

Фото: Љупчо Џамбазовски на Unsplash

Институциите да побараат да се вклучи анекс со инвентар на дивоградби во рамките на Планот за управување со Националниот парк „Галичица“, кој моментално се изработува, и со кој точно ќе се оцени нивното влијание врз средината во паркот, но и да не се оправдуваат со немање надлежност да дадат препораки и став за новиот хотел кај ресторанот „Парк“ во Охрид, се барањата на еколошката организација „Фронт 21/42“, кои беа упатени до претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, министрите Ирена Стефоска, Насер Нуредини и Благој Бочварски, како и до градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

Проблемите со претераната урбанизација која никако да запре, како и дивоградбите, се меѓу најголемите закани за градот, чиј статус на заштитено природно и културно добро во УНЕСКО веќе неколку години се доведува во прашање.

„Фронт 21/42“, во анализата на состојбите во Охрид, се осврнуваат на актуелната состојба во градот поврзана со решавањето на проблемот со дивоградбите, како и на активностите кои (не) ги преземаат институциите. Тие посочуваат дека предлог-законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, кој по скратена постапка го разгледуваше Собранието, не се однесува на сите дивоградби во Охрид, односно не важи за оние кои во Студиите за оцена на влијанијата врз животната средина и за оцена на влијанија врз културното наследство, ќе се утврди дека ги загрозуваат исклучителните универзални вредности на доброто.

Сепак, проблемот, посочуваат од организацијата, е во фактот дека студиите не се спроведуваат, па во Охрид, иако врие од дивоградби, сè уште нема такви кои го загрозуваат природното и културното наследство.

„Судејќи по овогодишниот Извештај кој државата го испрати до Центарот за светско наследство, студиите нема да почнат да се спроведуваат ни во догледно време. Во извештајот стои дека изработката на Оцена на влијанијата врз животната средина и културното наследство претставува голем предизвик поради немање национална методологија ниту правна основа за спроведување на оваа активност“, информираат екологистите, но и посочуваат дека правна основа за оцена на влијанието врз животната средина има повеќе од една деценија и постапката е спроведена многу пати.

Меѓу позагрижувачките моменти од негрижата за Охрид, екологистите ги наведуваат контрадикторните информации за спроведувањето на обврските кои доаѓаат од различните институции. Проблемот, сметаат од „Фронт 21/42“, е во објавувањето на инвентарот на дивоградби, за кој се сомневаат дека воопшто постои, иако државата редовно го споменува во своите извештаи до УНЕСКО.

„Според извештајот од минатата година, Министерството за транспорт и врски изработило инвентар на дивоградби во соработка со општините и НП ‘Галичица’. Кога го побаравме, добивме одговор дека Министерството не ја поседува бараната информација. Од транспорт и врски тврдат дека формирале и работна група за постапување по инвентарот, но од Владата одговорија дека таква работна група никогаш не е формирана“, посочуваат екологистите.

Тоа, посочуваат од „Фронт 21/42“, им отвора пат на сопствениците да ги легализираат дивоградбите со понудениот закон за легализација, без да сносат никакви последици. Непланската изградба, велат, продолжува и со примерот на планираниот хотел на местото на ресторанот „Парк“, во близина на Студенчишкото блато.

За овој објект, но и за новиот хотел кај Билјанини извори, дополнителната урбанизација на Елшани, Трпејца, Коњско… нема пречки ни во мораториумот за градба, ниту во усвоениот План за управување со Охридскиот регион. Заради тоа, од организацијата апелираат до институциите да не се вадат на ненадлежност, туку загриженоста и определеноста за зачувување на статусот на УНЕСКО да ги преточат во барања за мерки до Комисијата за управување со Охридскиот Регион.