На училишта, градинки, спортски сали, општински згради, домови на културата и други јавни објекти во 36 општини низ земјава беа инсталирани фотоволтаични централи кои годишно ќе штедат по околу 190.000 евра на сметки за електрична енергија. Во соработка со Европската Унија и Светската банка, македонската влада во изминатиов период постави опрема за производство на електрична енергија од сонцето на 108 јавни објекти, информираат од владината прес – служба.

ЕУ се согласила да обезбеди 15,5 милиони евра за развој на руралната инфраструктура во земјава, при што вкупниот износ на програмата, вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата, изнесува 20,667 милиони евра. Овие средства на општините им се доделуваа во форма на грантови за да ја подобрат инфраструктурата во руралните средини.

Во проектот биле вклучени општини од источниот, југозападниот, полошкиот и североисточниот плански регион. Фотоволтаичните системи се поставени во објекти на вкупно 68 училишта, шест фотоволтаични системи се поставени на детски градинки, 18 на општинско – административни објекти, два системи на домови на култура, три на спортски општински сали и по еден фотоволтаичен систем e поставен на здравствен дом, територијална единица за противпожарна заштита и тренинг центар.

„За намалување на трошоците за електрична енергија кај јавните субјекти инсталирани се три фотоволтаични системи на пречистителни станици за отпадни води и тоа во Берово, Кичево и Македонски Брод, како и четири системи на фабрики за вода за водоснабдителен систем (Штип, Струга – Шум, Гостивар и Тетово) и една пумпна станица за водоводен систем во Карбинци“, се наведува во владиното соопштение.

Кај ваквите објекти, каде корисникот работи 24 часа и е голем потрошувач, заштедите во потрошена електрична енергија може да изнесуваат од 28 до 82 отсто, или 45 отсто во просек месечно. Во јавните објекти од типот на општински – административни згради, училишта, градинки и културни домови, заштедите во потрошена електрична енергија месечно може да изнесуваат од 20-76 отсто (просечно 45 отсто), информираат од владата.