Инстаграм, ТикТок, Фејсбук и Твитер со нови правила на ЕУ за објава на „токсични“ содржини

фото: dole777 на Unsplash

Инстаграм, ТикТок, Фејсбук и Твитер потврдија дека ќе подлежат на строгите правила што ги предвидува законот на Европската Унија (ЕУ) за модерирање на содржините. Според Законот за дигитални услуги (Digital Services Act), платформите имаат рок до  петок на полноќ да ги известат европските регулатори колку Европејци ги користат нивните услуги, пренесува „Политико“.

Платформите и пребарувачите со над 45 милиони корисници во ЕУ, почнувајќи од летово, ќе мораат да се придржуваат до опсежните барања кои вклучуваат брзо отстранување нелегална содржина, ограничување на дезинформациите и подобра заштита на децата и тинејџерите, под надзор на Европската комисија.

ТикТок во петокот на својот блог објави дека месечно брои во просек 125 милиони активни корисници во блокот. Мета, пак, неделава објави дека има околу 255 милиони месечни активни корисници со седиште во ЕУ на Фејсбук и околу 250 милиони корисници на Инстаграм. Твитер информираше дека има речиси 101 милион корисници во ЕУ, а Јутјуб објави бројка од над 400 милиони Европејци кои ја користат платформата.

Европската комисија би можела да изрече казни до 6 отсто од годишниот приход на компаниите доколку нивните истраги покажат дека не ги почитувале правилата. Големите компании ќе бидат ревидирани и од надворешни компании за да се провери дали вложуваат доволно напори за да се осигураат дека нивните алгоритми и платформи не претставуваат големи ризици за општеството, а истражувачите ќе имаат пристап до некои клучни внатрешни податоци.

Дел од големите технолошки компании се под лупа поради ширење дезинформации и прикажувањето сè поекстремни содржини. Инстаграм се соочи и со широки критики за наводното негативно влијание врз менталното здравје на тинејџерките.

Големите платформи ќе треба на Европската комисија да ѝ плаќаат и до 0,05 отсто од нивните глобални годишни приходи секоја година за да го финансира спроведувањето на Законот за дигитални услуги.