Инстаграм ќе побара од сите корисници да го потврдат нивниот датум на раѓање

Фото: Souvik Banerjee on Unsplash

За да можат младите на возраст под 18 години безбедно да го користат Инстаграм, оваа социјална мрежа ќе побара од сите корисници да го потврдат нивниот датум на раѓање, пренесува „Гардијан“. Компанијата „Фејсбук“, во чија сопственост е Инстаграм, соопшти дека новите корисници ќе мора да го внесат датумот на раѓање, но истото ќе се побара и од постојните корисници при отворањето на апликацијата на нивните телефони.

Инстаграм веќе направи ажурирања во март годинава, па така возрасните лица веќе не можат да им испраќаат пораки на млади лица под 18 години коишто не ги следат. Минатиот месец, Инстаграм по автоматизам ги направи затворени профилите на лицата помлади од 16 години, односно затворени за прегледување, лајкнување и коментирање од лица кои не ги следат.

Од компанијата „Фејсбук“ велат дека се свесни оти најновата одлука може да значи некои од корисниците да внесат лажен датум на раѓање, но и додава дека развиваат нови технологии за решавање на ваквите проблеми.

Инстаграм во моментов работи и на посебна верзија на апликацијата за деца под 13-годишна возраст.