Инстаграм доби казна од над 400 милиони евра поради нарушување на приватноста на децата

Фото: Souvik Banerjee on Unsplash

Ирската Комисија за заштита на податоци го казни Инстаграм со 405 милиони евра поради прекршување на приватноста на децата. Долготрајната жалба, конкретно, се однесува на објавување на податоците на децата, а особено на нивните телефонски броеви и електронски адреси, пренесе „Би-би-си“.

Некои од децата своите профили на оваа социјална мрежа ги надградиле како бизнис профили за да пристапат до алатките за аналитика, како што е увид во бројот на посети на нивниот профил, без да сфатат дека тоа направило поголем дел од нивните податоци јавни.

Сопственикот на Инстаграм, „Мета“, рече дека планира да поднесе жалба на одлуката. Ова е трета парична казна што ирскиот регулатор ѝ ја врачи на компанијата.

Од „Мета“ за „Би-би-си“ одговориле дека истрагата се однесувала на старите поставки кои Инстаграм ги ажурирал пред повеќе од една година и дека оттогаш биле објавени многу нови функции за да им помогнат на тинејџерите да бидат безбедни, а нивните информации приватни.

Ирската Комисија за заштита на податоци ги регулира големите технолошки компании со европско седиште во Република Ирска.

Минатата година, Комисијата го казни и „Вотсап“ со 225 милиони евра, додека управата за податоци на Луксембург го казни „Амазон“ со рекордни 746 милиони евра.