Инспиративната маска на „Рејзер“ станува реалност

Project Hazel
фото: Razor

Извршниот директор на сингапурско-американската компанија „Рејзер“, Мин-Лианг Тан објави дека маската која го носи името „Project Hazel“ ќе биде пуштена во продажба од почетокот на четвртиот квартал годинава.

„Project Hazel“ за првпат беше претставена како „најинтелигентната маска создадена досега“ во јануари на „CES 2021“ – најголемиот светски саем за електроника. Тогаш беше соопштено дека нејзиниот дизајн има за цел да осигура највисок степен на безбедност и да го подобри животот во „новото нормално“.

Маската е од класата N95, има активна вентилација и автостерилизација, може да се полни бежично и има УВ стерилизатор. Нејзиниот транспарентен дизајн треба да овозможи да се гледа устата на носителот, а ќе биде додадено и внатрешно осветлување за во случај на намалена видливост, како и слој за заштита од магла на внатрешната страна од маската.

Маската во себе има вградени алгоритми за аудио обработка кои го прават човековиот глас многу поприроден и појасен.

Како дел од маркетинг стратегијата за новата маска, од „Рејзер“ објавија дека создале Инстаграм филтер со „Project Hazel“, за секој да може да види како ќе му стои паметната маска.

Одлуката за продажба на маската неочекувано беше соопштена на „Е3“ – еден од најголемите настани во индустријата за видео игри кој секоја година се одржува во Лос Анџелес. Повеќето иновации презентирани од „Рејзер“ никогаш не стануваат достапни на пазарот, па затоа не се очекуваше ниту лансирањето на оваа паметна маска.

Според најавата, првите „Project Hazel“ маски ќе бидат пуштени во продажба во ограничени количини.