Инспекторите за животна средина за шест месеци напишале 36 казни од 3.000 до 20.000 евра

Фото: Мета.мк

Инспекторите за животна средина во изминатите шест месеци напишале 36 парични казни, од кои најниската била 3.000, а највисоката 20.000 евра. Во тој период биле направени 1.132 инспекциски надзори, што е за 30 отсто повеќе од планираното, а 20 отсто повеќе од истиот период лани. Инспекторите за животна средина детектирале 363 неправилности, од кои 43 завршиле со прекршочни, а две со кривични пријави.

Директорката на Државниот инспекторат, Ана Петровска, денеска даде отчет за ефикасноста на институцијата во првата половина од годината. Вели дека е задоволна од постигнатото, со оглед на тоа дека располага со мал број на инспектори, а и од тие што ги има, во овој период тројца не се појавиле на работа. Еден бил на неплатено отсуство, еден на боледување, а еден е суспендиран заради сомнеж дека земал поткуп.

„Во периодот јануари-јуни реализирани се 1.132 инспекциски надзори наместо планираните 866 инспекциски надзори, или остварено е 30 отсто повеќе од планираното. Годинава се реализирани 185 надзори повеќе од 2020, односно забележан е раст од 20 отсто. Утврдени се 363 законски повреди, за кои се издадени Решенија за нивно отклонување. За споредба, во истиот период во 2020 година се утврдени само 120 неправилности, што значи дека годинава има зголемување од 203 отсто“, информира Петровска.

Во првите шест месеци инспекторите покренале 43 прекршочни постапки, од кои 36 санкции биле за плаќање глоба. Петровска вели дека во шестмесечниот извештај за 2020 година воопшто нема презентирано ниту какви, ниту колку, казнени мерки преземале инспекторите, па затоа не може да се направи споредба. Највисоката казна од 20.000 евра ја добила оранжерија од Градско која испуштила мазут во Вардар. Инспекторите покренале и две кривични постапки, едната е за случајот со насипување во Далјан и едната за палењето на трската во Струга.

Годинава во споредба со 2020 година Државниот инспекторат го зголемил и бројот на вонредни контроли, 220 наспроти 126, или за 75 отсто и на контролни надзори 171 наспроти 71, или за 138 отсто. Ова се должи на големиот интерес на граѓаните да ја користат онлајн платформата за пријавување на загадување, која беше воведена пред шест месеци. Во првото полугодие реализирани се 741 наспроти 749 редовни надзори од истиот период во 2020 година, што е намалување од осум надзори, или еден отсто, што според Петровска се должи на намалениот број активни инспектори на терен.

„Ефикасноста на Државниот инспекторат за животна средина е видливо зголемена во изминатиот период. Одлучни сме да им застанеме на патот на оние кои се обидуваат да ја загадат природата. И покрај предизвиците со кој се соочува Инспекторатот – продолжуваме со зголемени напори за поголема казнивост на загадувачите“, посочува Петровска.