Околу седум тони небезбедна храна од животинско и неживотинско потекло уништиле инспекторите за храна, официјалните ветеринари и операторите со храна во мај годинава. Се работи за месо и млеко, односно производи од месо и млеко.

– Во внатрешниот промет, во истиот временски период спроведени се вкупно 5.534 инспекциски контроли, од нив 4.035 редовни, 528 контролни и 971 вонредна инспекциска контрола. За констатираните недоследности, изречени се вкупно 636 инспекциски мерки, донесени се 462 решенија, 149 едукации, а изречени се и две парични казни. Во месец мај, за сторена повреда на прописите од областа на безбедноста на храната, поднесени се и две прекршочни пријави. Инспекторите за храна на граничните премини извршиле контроли на 4.194 пратки храна од неживотинско потекло. Нема изречени мерки за забрана за увоз – информира Велика Атанасова од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во мај годинава биле направени и 1.188 контроли на пратки со предмети и материјали кои доаѓаат во контакт со храната. Не е изречена ниту една забрана за увоз. Официјалните ветеринари на граничните премини, во мај годинава извршиле контрола на 1.476 пратки храна од животинско потекло и живи животни од увоз.

Инспекторите за храна и официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство, од јануари до крајот на април спроведоа вкупно 23.392 инспекциски контроли во внатрешниот промет, при што за констатираните недоследности изрекоа вкупно 2.555 мерки.

– Како небезбедни, инспекциските служби на Агенцијата и операторите со храна во овој временски период уништија повеќе од 130 тони храна. Ветеринарите на граничните премини, од јануари до април извршиле контрола на 9.322 пратки храна од животинско потекло од увоз, а инспекторите за храна спровеле контрола на 13.708 пратки со храна од неживотинско потекло и 3.310 контроли на пратки со предмети и материјали кои доаѓаат во контакт со храната – информираат во АХВ.