Инспекторите сè уште не знаат кој стои зад вчерашното загадување на Вардар

Земање мостри од испустот на Вардар

Државниот Инспекторат за животна средина сè уште нема утврдено кој е причинител на загадувањето на Вардар, кое се случи вчера, кога речните води се обоија во жолто-кафеави нијанси во близина на скопската населба Лисиче.

Земените мостри од канализациониот испуст во Вардар кај мостот Близнак денес беа однесени на анализа во лабораторијата на скопското јавно претпријатие Водовод и резултатите се очекуваат најрано следната недела. Иако мострите беа земени вчера, тие се однесени на испитување денеска бидејќи вчера беше неработен ден поради изборите.

Според главниот државен инспектор во Државниот инспекторат, Хусни Тачи, вчерашниот увид на лице место во кругот на Железарница покажал дека водата што се излевала од двете фабрики во канализациониот испуст не соодветствувала со жолтеникаво-кафеавата вода која била забележана вчера на испустот во Вардар кај мостот Близнак.

„Засега не најдовме докази дека ниту Либерти Груп ниту Макстил, двете фабрики чиишто производни процеси се поврзани со преработка со железо, а се сместени во кругот на скопска Железарница, се причинители на вчерашната хаварија која го обои Вардар“, изјави за Мета главниот државен инспектор во Државниот инспекторат за животна средина, Хусни Тачи.

Неофицијално, на испустот на канализацијата кај мостот Близнак на реката Вардар вчера, освен интензивното обојување на водата со боја на ‘рѓа, била присутна и силна миризба на амонијак.

Според Тачи, загадувањето би можело да дојде и надвор од кругот на некогашна Железарница. „На истиот канализационен испуст се врзани многу други помали фирми и производствени капацитети, како и институции и стамбени единици“, вели Тачи и додава дека Државниот Инспекторат не е надлежен за ниту еден од нив.

Тој потсетува дека ДИЖС има надлежност да врши инспекција над оние стопански субјекти кои поседуваат А интегрирани еколошки дозволи, додека пак градскиот и општинските инспектори за животна средина ги инспектираат помалите загадувачи.

Либерти Груп Скопје, поранешен Арчелор Миттал во септември минатата година беше казнет од страна на Државниот Инспекторат за животна средина со глоба во висина од 100.000 евра поради хаваријата која оваа фирма ја предизвика кога пукната када од која се излеало поголемо количество отпадна вода која содржела железо и киселина, без соодветно да биде третирана во системот за отпадна вода. Истиот субјект, кој поседува А интегрирана еколошка дозвола тогаш беше казнет и со забрана за работа во времетраење од 90 дена. Според важечкиот Закон за животна средина, носител на А дозволата има обврска своите отпадни води да ги преработи пред да ги испушти во канализацискиот систем или во водните текови до втор степен на чистота на испуштената вода.