fbpx

Инспекторите пишуваат казни, гумите во Костурино непречено горат

-

Пожарот со високотоксични испарувања, во кој вчера гореа околу 300 автомобилски и камионски гуми во близина на струмичкото село Костурино, е најверојатно подметнат од непознат сторител, информираат за „Мета.мк“ од струмичката инспекција. Пожарот почнал во близина на работилницата за производство на вар, позната по тоа што со години енормно ја загадува животната средина во струмичко и за која известуваа и странски медиуми, како германската телевизија АРД. Пожарот, за кој се претпоставува дека е подметнат, по интервенцијата на противпожарната служба од Струмица е изгаснат во текот на попладневните часови.

„За утре е предвидено да одиме на лице место во заеднички инспекциски надзор со колешката овластен инспектор за животна средина на Општина Струмица“ вели Виолета Панзова од Државниот инспекторат за животна средина во Струмица.  Таа додава дека полицијата интервенирала и дека има и кривична пријава, упатувајќи не повеќе одговори да побараме од општинскиот инспекторат.

Според постојниот закон за управување со отпад горењето на автомобилски гуми е забрането, информира Микица Чавдарова, овластен инспектор за животна средина на Општина Струмица. Таа за „Мета.мк“ потврди дека вчерашниот инцидент е пожар, но дека работилницата за изработка на вар е познат и долгогодишен загадувач на воздухот бидејќи со децении користи стари гуми во печката за правење вар како ефтино гориво и како замена за многу поголеми количества дрво, кое чини многу поскапо.

Чавдарова тврди дека во редовните и вонредните контроли кои струмичката инспекција ги вршела, овој производител на вар неколкупати му биле изрекувани прекршочни казни, кои според постојната законска регулатива изнесуваат 200 евра и дека прекршителот казните ги плаќа и продолжува да работи.

Според мерењата што ги врши државната мерна станица во Струмица, во периодот од 1 до 16 септември секојдневно се регистрира благо зголемено присуството на ПМ10 честичките од околу 80 мг на кубен метар, а на 6 септември биле регистрирани рекордни 465 мг на кубен метар.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Контраспин: Силјановска не ги седна пензионерите во ложата на „Мапет шоу“

Контекстот во кој претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ја кажа репликата за „Мапет Шоу“, беше сосема поинаков од оној што го претстави СДСМ. Самата реплика воопшто не се однесуваше на...