Денес се контролираат бурекџилниците, помалите маркети и останати трговци на мало, за тоа дали се почитува одлуката на Владата за ограничување на маржите на над 70 основни прехранбени производи. Мерката треба да ги намали трошоците за храна за околу 10% и истата ќе трае до крајот на октомври.
Од Државниот пазарен инспекторат велат дека на терен се излезени 47 тимови, односно 135 инспектори на ниво на цела Република Северна Македонија.
Досега биле извршени над 60 надзори на цела територија на Република Северна Македонија.
„Издадени се 8 прекршочни платни налози во висина од над 1.196.000 денари, а кај останатите субјекти постапките се во тек. Напоменавме и во текот на вчерашниот ден, дека толеранција нема да има и трговците имаат обврска да ја почитуваат Одлуката“, велат од ДПИ.
Вкупно,73 производи ќе имаат намалена цена до 31 октомври, а трговците на големо и трговците на мало имаат обврска за да набавуваат и продаваат во месечни количини од најмалку 70% од количините во месец август.
Есенската кошничка опфаќа основни производи како брашно, леб, пекарски производи, тестенини, ориз, зејтин, месо, млечни производи, јајца, овошје и зеленчук. Ограничувањето на маржите ќе се однесува и на продукти како ајвар, шеќер, млечно чоколадо, зачини и меленото кафе.
Трговците се обврзани да ги обележат овие производи со етикети „помалку трошоци, повеќе за тебе“, со цел да ги информираат потрошувачите за намалените маржи.