Државни просветни инспектори за основно образование периодов ги посетуваат училиштата и скенираат како тие функционираат. Ова е дел од интегралната евалуација, која во секое училиште во државата се спроведува на секои три години.

Кај некои наставници постои страв од инспекторите, затоа што тие влегуваат во училниците и присуствуваат на час, за да ја оценат нивната работа. Затоа, многумина од нив ги средуваат училниците, ги замолуваат децата пред инспекторот да бидат активни на часот и да покажат знаење, да бидат дисциплинирани, а некои дури бараат од децата ако им се оди во тоалет, да се воздржат додека не ѕвони ѕвончето за крај на часот.

– Инспекторот беше кај мене на час. Побара документација и евиденција, побара увид во моите дневни подготовки за часот, евиденција за слободните ученички активности, месечни/тематски подготовки, годишна програма за работа, соработка со родители, воннаставни активности, следење на постигањата на учениците (чек-листи, евидентни листови), програма за ученици со посебни потреби. Очекувам за околу пет месеци отсега да ги добиеме оценките, забелешките на инспекторите за работата – вели Драгица Поповска, одделенски наставник во „Панајот Гиновски“.

Томе Спировски, директорот на просветниот инспекторат апелира наставниците да не се плашат од инспекторите.

– Ова е процес кој се спроведува години наназад и има цел да покаже како функционира училиштето во целост. Со интегралната евалуација ја согледуваме состојбата во однос на квалитетот на воспитно-образовниот во државата. Се врши вреднување на училиштата со оценки од 1 до 4, при што оценката  1 значи незадоволува, оценката 2 делумно задоволува, оценката 3 добро и оценката 4 многу добро. На крајот се прави извештај во кој е согледана целосната состојба во училиштето, истото е оценето, а се издвојуваат слаби и јаки страни на училиштето – вели Спировски.

Ако некое училиште има слаби страни, тогаш училиштето се задолжува да изготви акционен план за надминување на недостатоците, а шест месеци потоа се врши и контролен надзор.