Инспектори откриле печатници што никогаш не измериле колку загадуваат

Фото: Државен инспекторат за животна средина

Државниот инспекторат за животна средина во контрола на индустриски капацитети кои работат во кругот на поранешна Стакларница откриле три печатници кои никогаш не ја спроведувале нивната обврската од елаборатите за заштита на животната средина, која им наложува да мерат испарливи органски соединенија. Фирмите добиле задолжене да ги направат мерењата и тоа во присуство на инспектор. Инспекторите откриле и складиште за хемикалии кои воопшто не поседува елаборат за заштита на животната средина, кој треба да го одобри општината. Фирмата добила обврска да го изработи во најкус законски рок.

Во рамките на контролата, освен печатниците, државни, градски и општински испектори извршиле надзор и во два погони за складирање и третман на отпад и едно складиште за хемикалии, односно погон за складирање на отпадно стакло и производство на стаклен гранулат, како и склад за старо железо, благородни метали, батерии и акумулатори.

„Државниот инспекторат за животна средина продолжува со кампањата за откривање загадувачи во индустриските зони. Погонот за производство на стаклен гранулат беше задолжен отпадот од прозорската столарија, кој преостанува по сечењето на рамно стакло што се користи како суровина, прописно да го отстранува, наместо да го чува во кругот. Исто така, ситните честички што како отпад се создаваат од производството на стаклен гранулат и се чуваат во џамбо вреќи надвор од погонот, треба прописно да ги складираат и предадат на овластена компанија“, информираат од Инспекторатот.