Инспектори од Одделението за истраги на Царинската управа вчера при претрес на автомобил, марка „голф 5“, на патот Гостивар – Дебреше, откриле 8,5 килограми злато, наменето за македонскиот пазар, соопшти Царинската управа.
Според Царината, златото, чија вредност се проценува на околу 200.000 евра, било набавено во Турција и потоа прошверцувано во Македонија.
„Околу 10.30 часот, за детална царинска контрола сопрен е автомобил, управуван од македонски државјанин, при што под предните седишта пронајдени се три најлонски кеси со 2.127 парчиња златен накит, со вкупна тежина од 8.610 грама. Од преземените предистражни мерки и активности, утврдено е дека златниот накит е купен во Турција и на недозволен начин е прокриумчарен во Република Македонија“, стои во соопштението на Царината.
Според Царината, осомничениот заедно со лица од Турција и во соработка со турска компанија за автобуски превоз, која ја одржува редовната линија Истанбул – Гостивар, го организирале шверцот на златниот накит.
„Откако автобусот пристигнал во Македонија од Турција и се паркирал на автобуската станица во Гостивар, пријавениот влегол внатре, го извадил накитот кој претходно бил сокриен во автобусот и за кратко време го сместил во својот автомобил. По завршување на истрагата и целосно документирање и расчистување на случајот, Царинската управа против сторителот ќе поднесе кривична пријава поради основано сомневање за сторено кривично дело криумчарење“, се додава во соопштението на Царинската управа.