Инспекторат за животна средина: Институтот за физикална терапија гори мазут во дотраен котел

Фото: ДИЖС

Според инспекторите на Државниот инспекторат за животна, Институтот за физикална терапија и рехабилитација лоциран во скопската населба Капиштец, гори мазут во дотраен котел и работи без елаборат за животна средина, кој е задолжен да го поседува. Вонредната контрола која ја извршиле инспектори од Државниот инспекторат, заедно со инспектори за животна средина од Градот Скопје и од Дирекцијата за заштита и спасувањ, е направена по бројни претставки од граѓани, кои се пожалиле дека од оџаците на Институтот излегува црн чад.

„Беше констатирано дека болницата работи без Елаборат за животна средина, која е обврзана законски да го поседува, по што веднаш беше задолжена да го изработи во најкус можен рок, а оџаците од котлите на мазут да се чистат редовно, согласно со Правилник во надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување. Чистењето оџаци го подобрува согорувањето и го намалува загадувањето. За постапувањето со медицински отпад немаше забелешки“, информираат од Инспекторатот.

Фото: ДИЖС

Институтот за физикална терапија и рехабилитација добил и обврска да го подобри одржувањето на котелот, кој е во видливо лоша состојба, како и да обезбеди финансиски средства во најитен можен рок за да ја напушти употребата на мазут и да премине на природен гас, да вгради сончеви колектори и да ја подобри енергетската ефикасност. Во меѓувреме ќе се направат и мерења на емисиите во воздухот од страна на акредитирана лабораторија.

Контролата во болницата, информираат од Државниот инспекторат, била иницирана преку новата алатка за пријавување загадување во два чекори со која претставките на граѓаните директно доаѓаат до инспекторите. Пријавите од граѓаните се корисни и добредојдени, велат од Инспекторатот, бидејќи само со заедничка акција ќе обезбедиме почиста животна средина.