Инспекторат за животна средина: Цистерната со винил хлорид во ОХИС е безбедна

Цистерната во која е складиран отпадниот винил хлорид мономер во дворот на ОХИС има систем за ладење и е безбедна, констатирал Државниот инспекторат за животна средина. По објавите на социјалните мрежи и вознемиреноста на јавноста минатата недела дека постои испарување од садот под притисок во којшто е складирана опасната хемикалија, Инспекторатот потврди дека цистерната се чува според протоколите за безбедност.

„Во врска со информацијата за испарување од цистерната во која што е складиран отпаден винил хлорид мономер, објавена на социјалните мрежи на 21.07.2020 година, а се однесува на проектот „Безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС Скопје“, Државниот Инспекторат за животна средина ја известува јавноста дека кај цистерната постои систем за ладење кој е поставен поради безбедносни причини, односно со цел да се одржува температурата на цистерната согласно правилниците за чување на ваквиот вид на хемикалија во сад под притисок“, информираат од Државниот инспекторат.

Околу 14 тони од опасната и високозапалива хемикалија сè уште се наоѓаат во ОХИС, иако на крајот на март требаше да бидат преточени во специјални цистерни под надзор на експерти од компанијата „Куриум“ од Франција и Италија, и да бидат транспортирани во инсенератор во Германија. Пандемијата на ковид 19, која ги затвори границите во Европа, ги одложи овие активности, а според препораките на експертите сега преточувањето ќе почека и да се намалат температурите.

„Согласно препораките добиени од страна на консултантите од нашата земја и од странство, како и од компанијата преточувач, Curium S.A.S., во наредните два до три месеци нема да има можност да биде направено преточувањето, од безбедносен аспект поради високите температури кои се актуелни во летниот период. Со оглед на сето ова, планираните активности би продолжиле веднаш штом се создадат поволни климатски услови и кога ќе бидат добиени позитивни препораки за здравствената ситуација од која е затекната нашата земја и целиот свет поради состојбата со вирусот ковид-19“, информираат од Инспекторатот.

Компанијата „Екоцентар 97“, која го реализира проектот за отстранување на 11 опасни хемикалии од дворот на ОХИС, за преточување и дислоцирање на винил хлоридот има ангажирано повеќе подизведувачи, а потпишани се договори со инсенераторот SUEZ Sonderabfallgesellschaft mbH од Германија и со транспортна компанија од Бугарија која што ги има сите потребни дозволи за транспорт на опасен отпад низ земјите на Европската Унија. Компанијата веќе ги набави двете цистерни во кои ќе се преточува опасната хемикалија во кои ќе замине до крајната дестинација, инсенераторот во Германија.

Во рамките на проектот од минатата година до март годинава транспортирани се речиси 64 тони опасни хемикалии во кои има метанол, акрилонитрил мономер и непознати хемикалии. На 15 март требаше да се реализира и последната пратка во „Валорек Сервисис“ инсенераторот во Базел, Швајцарија со остатокот од 4,6 тони иницијатори и 5,2 тони непознати хемикалии кои веќе се спакувани во специјални АДР буриња и се чуваат во магацините на ОХИС.

Во април минатата година беа санирани и 81 боца и еден контејнер под притисок со хлор во специјализирана компанија во Србија каде што хлорот беше извлечен од садовите со процес на дегазација и соодветно третиран. ОХИС, и по завршувањето на проектот за извоз на 11 хемикалии останува еколошка жешка точка, сè додека не се заврши чистењето и на четирите депонии на линдан.