fbpx

Инспекторат: Нема ни компјутери ни опрема, па нема ни настава по информатика во школите

-

Поради нефункционалната информатичка технологија, наставниците не се во можност да реализираат ИКТ во наставата. Ова е констатирано во последниот извештај на просветните инспектори, кои дале и препорака училиштата да најдат начин како да го решат проблемот со поголема употреба на компјутери на часовите.

Со оглед на тоа дека училиштата немаат можност самостојно да купат компјутерски уреди за да го решат овој проблем, прашањето е кога Министерството за образование и наука планира да набави компјутери за учениците?

Министерот Арбер Адеми изјавуваше дека нема пари во буџетот за набавка на нова опрема, а се знае дека старите уреди од проектот „Компјутер за секое дете“ се нефункционални и дотраени, а добар дел од опремата одамна е во ѓубре.

– На часовите по информатика, треба да ги учиме децата како да прават апликации, како да прават технологија и како да користат некои работи. Но компјутери се потребни и по другите предмети. Тие треба да употребуваат технологија за да им бидат часовите поинтересни. Главниот фокус на наставата во светот е креирањето, да можат учениците сами да креираат различни работи. Креирањето е највисокото ниво на знаење според блумовата таксономија. Ако нема ИКТ, нема да може да се примени креативно образование, креирање, учење преку истражување. Таа активна настава што се промовира е многу поизводлива со ИКТ – вели Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари и професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство.

Тој потенцира дека, ако дома децата се опкружени со смарт телевизори, видео игри, смартфони, таблети, тогаш не може наставата да е далеку од тој тек.

– Без технологија, часовите се здодевни. Потребно е државата да набави нова опрема, но и да вложи во квалитет на наставници, во обуки, вмрежување – додава Јованов.

Наставниците по информатика често импровизираат на часовите за да можат да им ја доловат материјата на учениците. Неретко си носат лаптопи и други уреди од дома, за да можат да го објаснат практично тоа што го предаваат. Учениците често ги користат и своите смартфони на часовите за апликации или пак, кога треба нешто да пребаруваат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бројни награди за учениците од „Илија Николовски Луј“ на Меѓународниот фестивал „Полихимниа“

Денеска заврши Меѓународниот фестивал „Полихимниа“, кој деветти пат по ред годинава се одржа во Скопје. Млади музичари, студенти и професионалци од Македонија, секој со својот инструмент и во соодветна...