Кривична пријава денеска е поднесена против двајца инспектори од отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Тетово за сторено кривично дело „попречување на правдата“, информираат во Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што е наведено во соопштението, одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против Џ.Н. на работно место – Виш инспектор за недозволена трговија со оружје во Отсек за недозволена трговија со дрога и оружје, Одделение за криминалистичка полиција при СВР Тетово, како и против О.С. на работно место Самостоен инспектор за недозволена трговија со дрога во Отсек за недозвоилена трговија со дрога и оружје при СВР Тетово.

„Првопријавениот, кој бил задолжен да постапува по предмет во кој две лица биле лишени од слобода поради основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ по член 215, му овозможил на второпријавениот, кој не бил работно ангажиран и е родител на едно од лицата лишени од слобода, да има целосен увид во службената документација, да располага и да ја пренесува од една во друга просторија, да ги придружува лицата лишени од слобода, да дава насоки при постапувањето и да биде присутен и да учествува во разговорот со лицата лишени од слобода. Исто така, овозможил привремено одземениот мобилен телефон од едно од лицата лишени од слобода, кај кого била пронајдена поголема количина на дрога, да располага со телефонот и да избрише и уништи докази од телефонот важни за истрагата“, се наведува во соопштението од МВР.

Втoропријавениот, иако не бил работно ангажиран, активно се вклучил во преземање на службените дејствија во предметот во кој неговиот син бил лишен од слобода поради основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ по член 215 од Кривичниот законик, при што му било овозможено да располага со телефонот и да избрише и уништи докази од телефонот важни за истрагата.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Џ.Н. и О.С. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место“, се додава во соопштението.

Порталб на 9 октомври објави дека Одделот за внатрешна контрола го истражува случајот на синот на инспекторот за борба против дрога Орце Смилевски од Тетово, кој беше фатен со кокаин.

На прашањето на Порталб.мк, какви мерки ќе бидат преземени, од МВР рекоа дека преземаат мерки, но не кажаа повеќе детали.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР презема соодветни мерки и активности во врска со конкретниот случај по што соодветно ќе ја известиме јавноста“, соопштија тогаш во МВР.