Инспекцијата подели казни за загадување на воздухот од депонијата во Росоман

Фото: Државен инспекторат за животна средина

Државниот инспекторат за животна средина подели казни за Јавното комунално претпријатие и одговорното лице во Росоман заради горење на локалната депонија. Инспекторите минатата недела направиле надзор на депонијата, која во овој период од годината многу често се опожарува и од која се ослободуваат штетни емисии во воздухот. Депонијата горела и во моментот кога инспекторите биле на терен, а надлежните добиле наредба веднаш да ја изгаснат.

Фото: Државен инспекторат за животна средина

„Јавното комунално претпријатие и одговорното лице се казнети парично, со казни од 3.000 евра за правното лице и 900 евра за одговорното лице. Исто така, издадена е наредба за гаснење на пожарот и постојано одржување на минимални технички услови согласно Законот за управување со отпад. Државниот инспекторат за животна средина постојано врши контроли врз примената на минималните технички услови на депониите на кои се отстранува отпадот од страна на општинските јавни комунални претпријатија“, информираат од Државниот инспекторат.