Иновативна еко-мисија за борба против загадувањето: „Креативноста е наше најмоќно оружје против отпадот“

Фото: Елена Арсовска

И покрај тоа што има повеќе иницијативи кои ја поттикнуваат граѓанската свест за рециклирање на отпад, сепак, поразителен е фактот дека најголем дел од македонските граѓани сè уште недоволно го селектираат отпадот што секојдневно го исфрлаат од своите домови, па така селектираната пластика изнесува само 1,8 отсто а останатиот дел често завршува во реките и планините. За среќа постојат и креативни еко херои се грижат за околината и се обидуваат да влијаат за намалување на употребата на пластиката.

Фото: Елена Арсовска

Една од нив е 33 годишната Елена Арсовска од кратовското село Шлегово која сфатила дека не ѝ одговара урбаниот живот и се вратила во родниот крај за да се посвети на иновативна еко-мисија. Според неа, креативноста е наше најмоќно оружје против отпадот.

Таа изработува накит уште од најрана возраст. На почетокот ги користела старите ѓердани од баба и ѝ мајка и, а користела и каменчиња, глина, разни семиња па дури и препарирани бубачки. Сега изработува накит од жица која рачно ја ткае, накит од полимерна глина, од епоксидна смола, накит од конец во макраме техника, но бидејќи, како што вели, секогаш сакала да се разликува од другите, постојано е во потрага по нешто ново, по нови материјали поинакви од оние кои се продаваат.

„Така еден ден сосема случајно дојдов до идеја да направам ѓердан од пластично шише и тогаш за прв пат имав материјал во изобилство и почнав да правам накит и за продажба. Првите заработени пари ми се токму од обетки од рециклирани шишиња, тогаш имав околу 16 години“, раскажа Елена за Мета.мк.

Фото: Елена Арсовска

Елена вели дека за изработка на монистрите од пластични шишиња е потребно многу време што ја прави работата неисплатлива, па затоа извесно време престанала да го користи овој материјал, но по еколошката катастрофа во нејзиното родно повторно се навратила на оваа техника.

„Неколку години живеев во Скопје, во Охрид и повторно во Скопје. Но, животот во урбана средина не е за мене, јас воопшто не се чувствувам среќно и исполнето кога сум опкружена со бетон и кога поради брзиот начин на живеење немам слободно време. Пораснав во село, опкружена со природа и домашни животни, па годините поминати во град ми беа навистина најмачните години во мојот живот. Ми недостасуваше слободата, природата и сета едноставност која селото ја нуди, па кога ми се укажа прилика повторно се вратив во родното село и мислам дека тоа ми е една од најдобрите одлуки кои сум ги донела во животот“, раскажа Елена.

За неа животот на село е прекрасен, мирен, спокоен и ѝ овозможува да има време и за целосно да се посвети на своите деца, за прошетки во природа, за градинарење, а и да бере лековити билки, шумски овошја и печурки кои ја инспирираат при изработка на накитот.

„Но, сепак никаде не е идеално и тука се соочивме со една негативна страна којашто ми беше поттик за повторно да се вратам на пластиката и нејзина рециклација. Село Шлегово е прекрасно село, изобилува со природни убавини, со прекрасна традиции и обичаи, има богато историско наследство и материјално и духовно, опеано е во народни песни и има голем туристички потенцијал, но за жал има и премногу отпад. Во селото до пред некој месец немаше контејнери, па селаните беа принудени отпадот да го фрлаат во реката која поминува на сред селото (Шлеговска река) и во доловите, а тоа резултираше со загадување на водата и почвата, неколку кладенци и бунари од кои пред 10-15 години пиевме чиста вода сега се контаминирани со бактерии“, рече Елена.

Фото: Елена Арсовска

Таа додаде дека реката тече веднаш покрај училиштето во кое учат дечињата до петто одделение, а тука е и школскиот двор и игралиштето каде децата се играат преку цел ден. Тие играјќи често се изложени на загадувањето, особено во летниот период кога реката пресушува и отпадот мириса многу лошо.

„Јас можеби не сум моќна за да ги променам навиките на моите соселани и на луѓето воопшто бидејќи овој проблем не е само тука, ова е глобален проблем, премногу отпад има на целата наша планета, но сфатив дека можам да бидам одговорна за своите постапки и да се трудам барем мојот отпад да го сведам на минимум, да реупотребувам и рециклирам тоа што можам, а со тоа да ги инспирирам и останатите“, рече Елена.

Елена вели дека процесот за изработка на еден ваков ѓердан е макотрпен и може да трае по неколку дена затоа што секоја монистра се изработува рачно, без машини и калапи и претставува мала уникатна скулптура.

„Таа работа не може да се наплати, посебно не кај нас, но сметам дека мојата мисија е повредна од заработувачката и ќе бидам задоволна ако луѓето ми се придружат во оваа моја борба за помалку отпад, а тоа можат да го направат на повеќе начини:

– да го селектираат отпадот и пластиката која може да се рециклира да не ја фрлаат заедно со другиот отпад, за да не се извалка и да може да се реупотреби или рециклира

– Да се обидат и сами да реупотребуваат и рециклираат, не мора тоа да е накит, од пластичните шишиња или кеси може да се изработуваат најразлични саксии, украси, кутии за собирање на накит или ситни предмети, од кесите да се плетат торби и така натаму

– Да купуваат производи кои се рециклирани, така ќе ги мотивираат оние кои рециклираат и со тие средства ќе им овозможат да инвестираат во материјали кои им се потребни (лепила, алати, разни додатоци)

– Да е трудат што помалку да употребуваат пластика, кога ќе имаат можност да купуваат храна без амбалажа, да носат торби за пазарење“, апелира Елена.