Инклузивниот настан „Играме заедно различни, а исти“ во недела во Градски парк

Фото: Фејсбук профил на Колектив Ветерница

Во недела, на 25 септември ќе се одржи инклузивниот настан „Играме заедно различни, а исти“.

Како што информираат организаторите, настанот е трет од ваков тип, а овој пат е конципиран во вид на голема игротека со многу разновидни активности, забавни, тактилни игри, со музичка и ликовна работилница.

„Она што сакаме да докажеме и покажеме, како и секогаш на нашите дружби, е тоа дека и децата со атипичен развој сакаат да играат, да се смеат, да пеат, да другаруваат. И тие сакаат да бидат поканети на родендени, но и другите деца да доаѓаат на нивните. Но најважното од сè – сакаат да бидат заедно со другите деца. Сакаат да растат заедно“, се вели во најавата.

Настанот ќе започне во 11 часот и ќе се одржува на Школка во Градскиот парк.

Организатори се здруженијата „Играме заедно“ – Аутизам ААМК и Колектив Ветерница.