Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ го одложи одржувањето на вонредниот конгрес што беше планира за 28 март, информираат тие.
„Иницијативниот одбор за свикување на Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, одржа состанок на кој беа разгледани подготовките за Конгресот закажан за 28 март во Скопје. Заради влошената епидемиолошка состоба и доцнењето со техничките подготовки, Иницијативниот одбор донесе одлука за одложување на закажаниот Вонреден конгрес. Иницијативниот одбор навремено ќе ги информира делегатите и јавноста откако ќе се утврди новиот термин“, се наведува во нивното кратко соопштение до медиумите.
Во изминативе недели, овој иницијативен одбор водеше битка преку медиумите против актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, барајќи оставка од лидерот Христијан Мицкоски поради тоа што изгубил неколку изборни циклуси во периодот на негово управување со партијата. Тие тврдат дека имаат мнозинство меѓу делегатите на последниот конгрес, што би било доволно за свикување на вонреден конгрес на која би се изгласа оставка на Мицкоски.
За разлика од нив, актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ остана на нивниот став дека позади иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес стои актуелната власт и премиерот Зоран Заев. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кон средината на февруари објави и документ со потписи на актуелните пратеници во Собранието на РСМ, кои му даваат поддршка на актуелното раководство и претседателот Христијан Мицкоски.