Иницијативата за забрана на пластични кеси потсетува на нереализираните ветувања на власта

Неодамна формираната Иницијатива за забрана на пластични кеси, која обединува екологисти, потсетува дека е крајно време надлежните да донесат законска одредба за забрана на пластичните кеси за пазарење и да воведат нови, вистински биоразградливи, според европските стандарди, а истовремено, кај потрошувачите да се поттикне создавањето навика за користење на платнени торби за повеќекратна употреба.

Екологистите потсетуват дека Владата вети но досега не реализирала речиси ништо од намерата за забрана на дел од пластичните кеси.

„Забраната на дел од пластичните кеси е мерка за која сегашната Влада изрази намера да ја реализира. Забраната ќе се однесува на пластичните кеси што не се биоразградливи, додека во промет би продолжиле да се пуштаат биоразградливи пластични кеси при што нивната цена би се зголемила на 10 денари. Тоа го најави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на прес-конференција во декември 2019 година. Притоа, тој истакна и дека овие мерки, предвидени со новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување, ќе стапат на сила на 1 јануари 2021 година.

Јануари се ближи, а овие мерки не се спроведени. Не само што новиот закон не е усвоен, туку е уште една фаза поназад, односно не е ни испратен до Собранието на усвојување. Новиот состав на Собранието веќе е конституиран, новата Влада е избрана и веќе работи. И покрај неопходните итни мерки што треба да се преземат во однос на пандемијата со ковид-19, сметаме дека е неоправдано во недоглед да се одолговлекува забраната на пластичните кеси која беше најавена за 1 јануари 2021 година“, велат од Иницијативата, со која може да се контактира преку е-адресата zabrana.plasticni.kesi@gmail.com.