Фото: Арбнора Мемети

Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ бара уште сега актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да си поднесе оставка. Тие велат дека секој искрен и чесен член на ВМРО-ДПМНЕ вчера очекувал триумф и му верувал на Христијан Мицкоски за новото парламентарно мнозинство во Собранието.

„Наместо прослава, партиските членови добија ладен туш. СДСМ покажа дека нивното мнозинство е непроменето, а во политичките кулоари кружат информации дека власта обезбедила и дополнителна поддршка од пратеници од опозицијата кои не гласале, бидејќи немало потреба. Партијата вчера беше посрамена“, велат од Иницијативниот одбор.

Тие не се откажуваат од смената на Христијан Мицкоски од лидерската позиција во опозициската партија, објаснувајќи дека тој свесно ширел еуфорија оти успеал да обезбеди мнозинство, иако знаел дека тоа не е вистина. Од Иницијативниот одбор велат дека Мицкоски уште од октомври минатата година најавил дека разговарал со пратеници од владејачката коалиција, кои сакаат да го напуштат Заев.

„Сега е вистинскиот час, Мицкоски да ја ослободи партијата, да престане да шири раздор и да си замине пред уште еден изборен пораз и дополнителна штета на ВМРО-ДПМНЕ. Делегатите на конгресот во Валандово не го гласаа за тоа“, велат од Иницијативниот одбор.

Инаку, по вчерашното гласање на доверба на владата на Зоран Заев, со објава на Фејсбук се јави и Никола Тодоров, поранешен функционер во ВМРО-ДПМНЕ. Тој тврди оти вчерашниот ден бил разочарувачки за ВМРО-ДПМНЕ од три причини: владата на Заев опстанала, излегла на виделина лагата на Мицкоски дека има ново парламентарно мнозинство и трето, што сопартијци очи си вадат по социјалните мрежи со погрдни зборови и лоши мисли.

Официјално обраќање по гласањето на доверба на владата на премиерот Заев во Собранието вчера имаше и од Христијан Мицкоски. Актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ вели дека Заев на сила протуркал гласање за недоверба во Собранието и тоа било доказ дека мнозинството лесно ќе го изгуби.

Мицкоски во обраќањето до јавноста вели дека премиерот ја искористил неговата изолација поради заразата со ковид вирусот, со што купил уште некој ден живот на Владата.

Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ планира на 28 март да одржи вонреден конгрес, на која ќе се гласа за доверба на актуелниот лидер Христијан Мицкоски.