Твитер во средата го лансираше Super Follow, функција која ќе им овозможи на одредени корисници да им наплатат за пристап до објавените содржини на другите твитерџии. Super Follow ќе биде достапна само за инфлуенсерите со над 10.000 следачи на Твитер, кои имаат над 18 години, се со седиште во САД и твитнале најмалку 25 пати во период од 30 дена, јавува The Verge.
За сите оние пасионирани корисници на Твитер кои ги исполнуваат овие услови, аплицирањето за заработка од твитање може да биде многу лесно, бидејќи во дното на менито на профилот на Твитер веќе ја има опцијата „Монетизација“.
Инаку, инфлуенсерите на Твитер ќе можат да им наплаќаат на останатите твитерџии средства од 2,99, 4,99 и 9,99 долари месечно за објавените содржини преку Stripe. Тие ќе можат да заработат до 97 проценти од претплатата што ја вовеле кон останатите корисници на Твитер, и тоа до моментот на достигнување на заработката од 50.000 долари. Над оваа сума, инфлуенсерите ќе добиваат до 80 проценти од остварените приходи од воведената претплата.
Оваа новина Твитер ја најави уште во февруари годинава, како дел од стратегијата на социјалната мрежа да ја зголеми својата публика, но и да си ја намали зависноста од приходите од реклами. Инфлуенсерите засега можат да ја користат функцијата Super Follow доколку се од САД, при што таа е достапна само на Твитер апликацијата на iOS.