Пари, луксузни автомобили, сопствено џакузи и стан од 2,5 милини евра – ова, меѓу другото, е прикажувано во видеата на најпознатиот јутјубер во Србија и во регионот, Богдан Илиќ, познат како Бака Прасе. Тој деновиве е во центарот на вниманието на јавноста поради обвинувањата за педофилија. Во видеата во кои тој ги демантира овие наводи, Илиќ користи пцовки, навреди и погрдни зборови кон малолетни девојчиња, за што подоцна призна дека претерал и дека сето тоа било кажано „во афект“. Но, видеото со навредите има повеќе од 1,5 милиони прегледи.
Ако некогаш идоли на тинејџерите беа пејачи, актери и ТВ водители, денес нивните места ги заземаат инфлуенсерите на социјалните мрежи. Па така, повеќе јутјубери во регионот бројат над 500 илјади претплатници на своите канали, а бројките на следбеници на социјалните мрежи во одредени случаи стигнуваат и до еден или два милиона. Најголемиот дел од нивните следбеници се малолетни лица. Инфлуенсерите често ги користат своите профили за да го покажат нивниот начин на живот и да се пофалат со добрата кои ги поседуваат или со егзотичните места кои ги посетуваат.
Лицата кои се популарни на социјалните мрежи имаат огромно влијание врз развојот и градењето на личностите на младите луѓе, сметаат експертите. Психолохот за деца и адолесценти од Здружението „Хармоничен свет“, Христина Стефановска, вели дека децата чии идоли се јутјуберите, неретко почнуваат да се однесуваат како лицата кои ги гледаат во видеата.
„Видете, ако дете кое чита книга се идентификува со главниот лик во приказната тогаш и тинејџерот кој гледа видеа од јутјубер исто така се идентификува со него и го посакува сето тоа што тој го има и поседува. Во мојата работна пракса секојдневно се соочувам со деца чија што личност, вклучувајќи и вокабулар, гестикулации и фацијална експресија, претрпела промена поради влијанието на личноста и видеата кои му биле инспирација. Најтажно од сè е што во ваквите ситуации дегенерираат значајни капацитети, способности и кадарности на личноста на младиот човек, преокупирајќи се со животот, во случајов на јутјуберот, развивајќи фрустрации за сопствениот живот поради неможноста да се постигне социјалниот статус на инфлуенсерот “, вели Стефанова.
Таа додава дека она што денес им се случува на тинејџерите е крајно серизоно. Смета дека тие се подложни на овие влијанија затоа што се наоѓаат во еден период на развојна транзиција што значи и нагло менување на нивниот психо-физички развој кој ги води на пат да станат возрасни луѓе.
„Во овој сензитивен период она што најмногу му треба на тинеџерот е возрасна мудра личност која никогаш нема да се откаже од него, која ја разбира вистинската моќ на поврзаноста и тежнее кон тоа да детето во оваа возраст во иднина израсне во најдобрата верзија од себе. Реалноста е поинаква и крајно сериозно е она што денес им се случува на нашите тинејџери. Се помалку има таква мудра возрасна особа во нивниот живот и се повеќе е присутна во нивниот живот личност која е влијателна на социјалните мрежи и канали. Земајќи го во предвид тоа дека денес младите најголемиот дел од денот го поминуваат на интернет и таму ја бараат инспирацијата за нивниот ден, па и живот, влијанието на ваквите познати инфлуенсери е неминовно“, додава Стефанова.
Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов, вели дека за да се разбере влијанието на инфлуенсерите врз младите, прво мора да биде прифатен фактот дека тие, како и јутјуберите, се реалност.
„Не случајно се користи терминот инфлуенсери, односно луѓе кои можат да влијаат. Нема да се врати она време кога имаше поголема контрола врз влијанието и однесувањето на медиумите и медиумските содржини како што беше пред појавата на социјалните мрежи. Напротив, сè повеќе ќе се зголемуваат можностите кои што интернетот, дигиталните платформи и социјалните медиуми ги нудат на луѓето кои сакаат себеси да се промовираат и да допрат до одредена публика. Секој кој има платформа или акаунт на социјалните мрежи има своевиден медиум. Целта, идејата на дигитализацијата во делот на социјалните медиуми е всушност можноста за дебата, за размена на мислења во реално време овде и сега, како и интеракцијата“ смета Кoрдалов.
Тој вели дека од особена важност е да се работи на градење на свеста и совеста кај инфлуенсерите и јутјуберите за вистинското влијание кое тие го имаат врз следбениците.
„Не можеме да ги генерализираме јутјуберите. Како што сите судии, лекари, новинари не се исти, и овде имаме различен пристап од секој човек. Меѓутоа, влијанието кое тие го вршат е огромно и не е за потценување, без разлика дали станува збор за илјада или 15 илјади следбеници, а камо ли пак за милионските следбеници. Некогаш тие имаат многу повеќе влијание врз децата отколку што тоа го имаат домашната средина и родителите, или пак традиционалните медиуми, образовните чинители, наставниците и професорите. Треба многу да се работи со инфлуенсерите и да внимаваат своето влијание позитивно да го користат. Тоа не значи дека треба да се наметне начин на кој тие ќе се промовираат, бидејќи така би ја изгубиле својата популарност, но секако треба да бидат соработници во она што се нарекува промоција на позитивни вредности: недискриминација, препознавање говор на омраза и слично“, вели Кoрдалов.
Според комуникологот, дигиталната писменост е решението за да се изгради младина со критичко размислување и отпорна на негативни влијанија. Постои огромен јаз помеѓу начинот на кој децата живеат и функционираат денес и начинот на кој се одвива образованието.
„Пред да стигнат младите до инфлуенсерите, поминуваат преку она што се нарекува влијание на непосредната домашна околина и образованието. И тука доаѓаме до дигиталната писменост, која не е само научна дисциплина или фраза, туку е насочна потреба. Вие не можете никому да му забраните да размислува на свој начин, да има свој став. Напротив, треба да се охрабруваат различните мислења. Но, она што можеме да го направиме и што во најголема мера лежи во образовниот систем е тоа да на децата од најмала возраст им бидат воведени дигиталните вештини во образованието. Пред корона кризата немавме никаква дигитализација во образованието. Сега веќе кризата нè примора да разбереме дека одамна сме требале да вложуваме во дигиталните платформи. Тоа ќе мораме забрзано да го направиме, се надевам успешно, бидејќи досега тапкавме. Поентата е дека на секој млад човек од самиот почеток треба да му бидат презентирани предностите на технологијата. Но не како предмет, туку како нешто што е составен дел од секој час“, вели Кoрдалов.
Психологот Стефановска се согласува дека превенцијата на оваа проблематика започнува во раните години на децата. Вели дека не е лесно да се ублажат штетните влијанија од интернетот, но сепак е возможно младите да останат со здрав и критички насочен ум.
„Потребно е сериозно да пристапиме во воспитниот процес уште од раните години на детето учејќи го што е добро, а што лошо однесување, учејќи го кој е добар, а кој лош цртан филм, учејќи го која е добра, која е лоша видео игра, пролонгирање на времето поминато пред екран и стимулирање на детето да создава контакт со себе и физичката средина, читање детска литература и разговарање за истата со прашања од типот: Кој?; Што?; Како?; Поради што? Кога?, со тоа развивајќи причинско-последично размислување кое го јакне критичкиот ум на детето, подоцна и на младиот човек. Здравите когнитивни процеси и формирано морално однесување нема да бидат доволни доколку постои ниска самодоверба кај децата. Мора многу психолошки подрабоко да навлееме во превенцијата на ваквата проблематика“, додава Стефановска.