Во регионот на Охрид, Струга и Ресен одделение за третирање на инфективните заболувања има само во охридската болница. Станува збор за еден од најстарите здравствени објекти во градот, иако тука годишно помош бараат и наоѓаат повеќе од 1.000 пациенти, од оние со сезонски грип па се до пациенти кои страдаат од други вирози во летниот период.
Изграден во 1950 година кога имало епидемија на стомачен тифус во Охрид и Дебрца објектот располага со шест соби и капацитет за лекување на 20-на пациенти. Одделението не располага со соби за изолација на пациенти кај кои ќе се дијагностицираат високо-ризични инфекции.
„Нашето одделение е едно од најстарите одделенија кое никогаш не е реновирано, условите се несоодветни. Треба помош од државата, малку да се реновира. Бидејки преку лето имаме и странци, кои се каснати од куче или со повреди доаѓаат тука. Изненадени се од условите во кои работиме,“ вели Светлана Алексиеска-началник на Инфективното одделение Охрид.
Инфектологот Алексиеска напоменува дека одделението не може да прими на лекување при евентуална потреба пациенти заболени од корона вирус. Овде се упатуваат на лекување пациенти кај кои се дијaгностицирани разни инфективни заболувања од обичен грип, па сè до хепатит, бруцелоза, варичела дури и пациенти кои треба да ја примат вакцината против тетанус.
За здравјето на пациентите се грижат тројца специјалисти инфектолози, a двaјцa во мoментов се наоѓаат на специјализација, така што не е едноставно да се направи и ротација со дежурства посебно во сезоната на грип.
„Во струшката болница пак, нема нити еден ваков специјалист, но постојат заложби да се формира тим на специјалисти инфектолози, се со цел да се формира одделение за инфективни заболувања и во Струга, бидејќи во општата болница годишно помош бараат и до 20.000 пациенти,“ информира Мухамед Асани, директор на општа болница Струга.