Сомнежи за шпионажа и можни обиди за неовластено извлекување податоци од комјутерскиот систем во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се предмет на предистрага што ја води Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), пренесува „Слободен печат“.
„Слободен печат“ вчера објави дека до редакцијата пристигнала анонимна кривична пријава поднесена до ОЈО ГОКК, потпишана од „група вработени во МВР“. Во неа, како што наведува весникот, се тврди дека во Кабинетот на претседателката биле копирани и енкриптирани податоци со таен код, за кои се сомнева дека можеле да завршат кај странски разузнавачки служби.
Во пријавата како лице под сомнеж бил наведен ИТ-администраторот од Кабинетот на претседателката, а покрај него се споменувале и други вработени од Кабинетот и од Агенцијата за разузнавање, за кои се тврди дека можеби биле вклучени во прикривање на докази. Дополнително, како што пренесува „Слободен печат“, пријавата алудирала и на можни интервенции од високи владини функционери, кои наводно вршеле притисок случајот да биде затворен преку контакти со претседателката и обвинителството.
Од потписниците на пријавата се барало отварање на постапка со друг обвинител, како и детална форензичка анализа на електронска опрема, сервери, телефони, комуникации и видеонадзор, со цел утврдување на евентуално компромитирање на класифицирани податоци и НАТО-комуникации.
Од „Слободен печат“ наведуваат дека од Кабинетот на претседателката не добиле одговор на прашањата поврзани со пријавата.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, пак, во одговор за „Слободен печат“, потврдуваат дека од декември минатата година се води предистрага за „постоење индиции за преземени недозволени активности од висок државен интерес“, по аларм од Секторот за компјутерски криминал при МВР.
Од ОЈО ГОКК нагласуваат дека биле издадени повеќе наредби за прибирање и анализа на докази, но дека дел од постапките сè уште не се комплетирани поради недоставени информации од надлежните служби.
„Во рамки на постапката, до Основниот кривичен суд беше доставено Барање за издавање наредба за пребарување на компјутерски систем, со цел утврдување на содржините што евентуално биле неовластено преснимени од информативниот систем во Кабинетот на претседателката. Истовремено, беа издадени и наредби за екстракција на податоци од персонални и лаптоп компјутери доставени до МВР од Кабинетот на претседателката“ велат од ОЈО ГОКК.
Од Обвинителството додаваат дека на 30 декември до МВР била испратена наредба за анализа на доказниот материјал, а подоцна биле доставени и два мобилни телефони за вештачење.
„Воедно, до ОЈО ГОКК беа доставени и два мобилни телефони одземени од пријавениот, со барање за нивна екстракција во Истражниот центар на ОЈО ГОКК, по што веднаш беше издадена соодветна наредба за постапување. Потоа, на 25.03.2026 година, имајќи ја предвид сериозноста и чувствителноста на предметот, јавниот обвинител до МВР – Сектор за компјутерски криминал, достави наредба за анализа на податоците од мобилните телефони, како и заедничка анализа на податоците екстрахирани од компјутерската опрема обработена во Истражниот центар на ОЈО ГОКК. Дополнително, беше побарана и анализа на постапувањето по судската наредба за увид и пребарување во информативниот систем на Кабинетот на претседателката, со задолжение до Обвинителството да биде доставено известување за прибраните докази. До денес, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, ОЈО ГОКК нема добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази“, објаснуваат од Обвинителството.
Посебен проблем, според Обвинителството, претставува и недостапноста на видеонадзорните снимки, и покрај барањата упатени до Кабинетот на претседателката и Службата за општи и заеднички работи (СОЗР).
Од Кабинетот било одговорено дека не располагаат со копии од снимките, додека од СОЗР навеле дека нивната надлежност е ограничена на набавка на опремата, а не и на чување на записите.
„На почетокот на 2026 година, по добиено известување дека Кабинетот на претседателката не располага со копии од видеонадзорот, бидејќи опремата е набавена преку СОЗР, а надлежноста за ракување и чување на записите е кај МВР, предметниот јавен обвинител се обрати и до СОЗР и до МВР за нивно итно обезбедување. Од СОЗР беше добиено известување дека институцијата не располага со видеозаписи, туку дека нивната надлежност се однесува исклучиво на набавка на опремата, додека чувањето и располагањето со копиите од записите е во надлежност на МВР“, објаснуваат од Обвинителството
Од МВР, пак, за „Слободен печат“ одговориле дека се преземаат активности, а во тек била анализата на електронски докази, како и дека биле извршени разговори со вработени во Кабинетот на претседателката.
„Од страна на Секторот за компјутерски криминал при МВР се преземаат соодветни мерки и активности, односно одземени се компјутерска опрема и мобилни телефони. Во тек е анализа на сите електронски докази кои се екстрахирани од одземената опрема. Извршен е службен разговор со лица вработени во Кабинетот на претседателот и за истите доставено е известување до ОЈО ГОКК. По целосно расчистување на случајот јавноста ќе биде соодветно известена“ велат од МВР за „Слободен печат“.
Сепак, од Министерството засега не одговараат зошто сè уште не се доставени бараните снимки од видеонадзорот, како и дали ќе може да се декодираат и анализираат наводно заштитените податоци од системите во Кабинетот на претседателката.
