Многу мал процент млади, како на национално, така и на локално ниво, се вклучени во политичкиот живот. Четвртина од младите не се вработени, не се образoваат ниту се обучуваат, а се намалува и бројот на запишани и дипломирани студенти од високото образование. Младите остануваат ранлива група која е во ризик од сиромаштија.
Ова се заклучоците од Индексот за младинско учество, кој дава извештај на политичкото, социјалното и економското учество на младите во Македонија во 2023 година, изработен од Младинскиот сојуз Крушево.
Во 2023 година, Македонија ја унапреди својата заложба за развој на младите со усвојување на Националната стратегија за млади 2023-2027 и Акцискиот план (2023-2025) – сеопфатна рамка која се однесува на неколку области како младинско учество, младинско информирање, младинска работа, образование, култура, здравје, претприемништво и безбедност. Ова е третата државна стратегија за млади и ја нагласува потребата од јасна институционална одговорност за решавање на состојбите и предизвиците на младите во земјава.
Институцијата која е одговорна за нејзино спроведување е Министерството за социјална политика, демографија и млади, а претходните стратегии се соочија со значителни предизвици во имплементацијата, при што често не беа предвидени механизми за да се посочи одговорноста за резултатите.
„Потребна е поцврста рамка за да се повикаат одговорните институции и да се осигури дека заложбите за подобрување на условите за младите се претвораат во опипливи резултати“, пишува во Индексот.
Политичко учество – младите речиси исклучени од одлучувањето
Само 1,66 отсто од пратениците во претходниот пратенички состав во македонското собрание биле млади на возраст до 29 години. Немало ниту еден млад министер во Владата во 2023 година, додека меѓу градоначалниците, млади се само 1,23 отсто.
Иако постои Закон за младинско учество и младински политики, како и Национална стратегија за млади, бројките укажуваат на ниско политичко учество кај младите, што го истакнува парадоксот меѓу вложените напори и постигнатите резултати.
„Неуспехот да се постават младите на клучните позиции за одлучување на национално ниво, испраќа јасна порака дека тие не се важни или дека нема простор за нив, и покрај фактот што, во основа, од нив се очекуваат промени и напредок. Овој недостаток на вклученост не само што го поткопува нивниот потенцијал, туку и ги задушува иновациите и долгорочниот развој што може да го донесе нивното активно учество“, се вели во Индексот за младинско учество.
Четвртина од младите не работат, не учат, ниту се обучуваат
Младите продолжуваат да се борат и со предизвиците за вработување, исто како и во претходните години, при што голем дел се соочуваат со долготрајна невработеност, а значителен дел не се вклучени во вработување ниту во образование и обука, познато како стапка на „NEET“.
Во 2023 година, процентот на NEET млади во Македонија изнесувал 24,1 процент, речиси идентичен со оној од 2021 година. Благо намалување на процентот на NEET млади имало во 2022, кога нивниот удел бил 22,8 отсто.
Показателите за невработеноста, пак, покажуваат континуиран благ, но стабилен пад – од 29,6 отсто во 2020 година на 24,9 проценти во 2023 година.
Стапката на долгорочна невработеност покажува значително подобрување, при што во 2023 година е забележан најнизок процент од периодот на следење – 16,9 отсто.
„Ова укажува дека негативните ефекти од пандемијата врз вработувањето на младите, во голема мера, се минато“, се забележува во документот.
Стапката на учество на младите во работната сила изнесува 44,8 отсто – најнизок процент од четиригодишниот период. За споредба, овој процент во 2021 година изнесувал 54,6 отсто, а во Индексот е нотирано дека ова може да се препише на зголемениот тренд на образовна и професионална мобилност, како и миграција.
Стапката на вработеност кај младите останува стабилна и постојана – на 33,6 отсто.
Речиси една четвртина (24,4 отсто) од вкупните апликанти во Агенцијата за вработување се млади кои започнале сопствен бизнис со државна финансиска поддршка.
Од друга страна, процентот на самовработени млади лица во Македонија останува исклучително низок – 1,01 отсто во 2023 година, при што е забележано намалување во споредба со 2022 и 2023 година.
„Единствениот стратешки документ во земјата што се однесува на процесот на одлив на мозоци е Националната стратегија за вмрежување, соработка и спречување на одливот на високообразован и професионален кадар (2013–2020). Сепак, тој не се фокусира конкретно на младите и не е продолжен за следниот период. Националните стратегии за млади се подготвуваат и започнуваат континуирано и во 2018 година е воведена мерката Младинска гаранција“, пишува во Индексот за младинско учество.
„Овие документи и мерки се наменети за подобрување на квалитетот на животот, вработувањето и животниот стандард на младите, со цел нивно задржување во државата. Сепак, според најновата Младинска студија во Северна Македонија за 2024 година, 68% од младите имаат желба да мигрираат во странство и овој процент е највисок меѓу сите 12 земји во регионот“, се додава во документот.
Млади во ризик од сиромаштија
Државниот завод за статистика нема податоци за младите во ризик од сиромаштија за 2023 година, што, според авторите на документот, ја потврдува претходно воспоставената практика на „јавно недостапни податоци за младите“, што, пак, го отежнува планирањето на соодветни политики за нив.
Сепак, најновите достапни податоци, а кои се однесуваат на 2021 година, покажуваат дека стапката на лица во ризик од сиромаштија во земјава изнесувал 23 отсто, што е зголемување во однос на претходните години.
„Ако се анализира структурата на домаќинствата кои живеат под прагот на сиромаштија, може да се забележи значителен раст на семејствата со издржувани деца, особено во многудетните семејства и семејствата со еден родител, што доведува до заклучок дека бројот на млади луѓе во ризик од сиромаштија исто така расте“, пишува во Индексот за младинско учество.
Се забележува и намалување на процентот на млади кои се дел од системот на социјална заштита (27,47 отсто), иако тој сè уште е исклучително висок.
„Со оглед на тоа што нема детални и продлабочени анализи на состојбите, причините за влегување или излегување од системот за социјална заштита, можеме да претпоставиме дека тоа се должи на намалувањето на невработеноста кај младите, имплементацијата на младинската гаранција и миграцијата на младите“, се вели во документот.
Во меѓувреме, сегашната распределба на социјалните услуги што ги нуди државата не гарантира еднаквост во сите делови од земјата.
„За илустрација на моменталната состојба, во регистарот на лиценцирани даватели на социјални услуги на Министерството за социјална политика, демографија и млади се евидентирани 133 даватели на услуги, од кои само во еден е наведено ‘Советувалиште за млади луѓе во ризик од злоупотреба на дрога и нивните семејства’, додека другите се однесуваат на поширока популација на ранливи групи, вклучително и млади луѓе со попреченост, но не се фокусираат на предизвиците и специфичностите на возрасната група на млади луѓе“, стои во документот.
Намален број на запишани и дипломирани студенти
Процентот на напуштање на средно образование се намалил од 0,85 на 0,51 отсто. Сепак, се намалува и бројот на запишани млади во терцијарно образование и млади кои завршиле високо образование.
Според авторите на Индексот, ова можеби е предизвикано од воведувањето на средното стручно образование, кое на младите им овозможува лесно да најдат работа по завршување на средното образование, но и поради миграцијата на млади кои своето образование го продолжуваат надвор од земјава.
Индексот за младинско учество ја нагласува потребата од систематско собирање податоци, креирање целни политики и реформи во клучните области како образованието, вработувањето и социјалната заштита. Препораките упатуваат кон поголема поддршка за претприемништвото, развој на дигитални и зелени вештини, како и намалување на регионалните нееднаквости. Покрај ова, се бара создавање платформи за олеснување на политичкото учество на младите, како и таргетирана поддршка за ранливите категории. Сето ова има за цел младите да станат активни учесници во општеството и двигатели на позитивни промени.