Фото: Sharon McCutcheon on Unsplash

Активната транспарентност или објавувањето на информации на сопствена иницијатива на институциите, без некој да има доставено барање за пристап до тие информации, на министерствата, Владата и на општините за 2021 година изнесува 63 отсто (од максималните 100 отсто). Во однос на 2020 година, активната транспарентност е подобрена за 5 процентни поени (од 58 на 63 отсто). Министерствата и Владата просечно објавуваат 79 отсто од потребните информации, што е минимално подобрување од ланските 77 отсто активна транспарентност. Додека општините, петта година по ред, имаат помала активна транспарентност од министерствата објавувајќи 60 отсто од потребните информации, но во однос на лани, бележат пораст од 5,5 процентни поени.

Ова го покажува редовното годишно рангирање на институциите на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување на информации од јавен карактер, изработено во март 2021 година. Во него се вклучени 98 институции, односно Владата, сите министерства и општините.

Според ЦГК, Индексот, исто така, ги покажува и следниве клучни аспекти: за првпат откако се изработува овој индекс, од 2016 година, дури две институции имаат максимални 100 отсто, односно ги објавуваат сите предвидени информации.

Станува збор за Министерството за одбрана, кое и лани беше на првото место, и Општина Карпош, која лани беше трета.

Меѓу регионите, и годинава на прво место е Источниот Регион (со 74 отсто активна транспарентност), додека на последно останува Скопскиот Регион (со 49 отсто). Најмалку информации министерствата објавуваат за финансиите (само 60 отсто), и општините за прашањата од нивна надлежност (42 отсто).

„На барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, што им беа испратени на сите во ист ден и со исто прашање, општините одговорија во просек за 17 дена (лани за 24 дена), а министерствата за 16 дена (лани за 26 дена). 39 отсто од институциите одговорија подоцна од законскиот рок, прекршувајќи го законот“, соопштија од ЦГК.

Од годинава, активната транспарентност е претставена на едно место, на специјално изработена веб-страница www.aktivnatransparentnost.mk, со преглед на сите опфатени институции, но и на индивидуалните резултати за секоја институција од 2016 година наваму, појаснуваат од ЦГК.

Индексот на активна транспарентност се реализира во рамки на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.