Авион на „Рајанер“ што летал од Солун до Меминген бил принуден да се врати во Грција денес по инцидент што се случил за време на летот, откако поради сериозен дефект на моторот кратко по полетувањето, фрагмент од моторот удрил и скршил прозорец. Според пишувањето на повеќе медиуми, повреден бил патник што седел до прозорецот, а се активирале и маските за кислород, но немало пукнатина или пробив во трупот на авионот.
„Екипажот го открил проблемот додека авионот летал над Северна Македонија и одлучил да се врати во Солун, бидејќи дефектот на моторот не можел да се реши во лет. Откако пилотите прогласија вонредна состојба, на аеродромот „Македонија“ во Солун беа активирани стандардни процедури за итни случаи. Пожарникарите, амбулантните возила, полицијата и другите служби за итни случаи беа ставени во состојба на готовност. Авионот слета безбедно и подоцна беше преместен во одредена област на аеродромот“, пишува Еуроњуз.
Четири патници се однесени во болница како мерка на претпазливост за медицински прегледи. Повеќето се отпуштени, а еден останува под надзор за понатамошни тестови.
„Рајанер“ организираше заменски авион за да ги превезе повеќето патници до Минхен и да го заврши нивното патување.
„Лет на Рајанер од Солун до Меминген во петок наутро се врати во Солун кратко по полетувањето кога прозорецот на патникот се откорна во лет. Авионот слета нормално, а патниците се вратија на терминалот. Еден патник побара и доби медицинска помош на земја во Солун. За да се минимизира какво било доцнење, беше договорен заменски авион за да ги донесе патниците во Меминген, кој полета од Солун во 9:53 часот утрово,“ соопшти авиопревозникот.
