Имаме одлични млади готвачи и слаткари, ни треба стратегија за да не ни заминуваат

Ученици подготвуваат пецива за појадок. Фото: Мета.мк

Чоколадни преливи за слатки, пиварки, пици, тостови, пирошки. Ова е храната која секојдневно ја подготвуваат учениците што учат во училиштето „Лазар Танев“. Печејќи го тестото, но и занаетот, младите готват за нив самите и за нивните професори, за цени многу пониски од оние во пекарница. Освен тоа, училиштето е реална компанија, па овде се готви и за основните училишта, за компании, за секој кој е заинтересиран за кетеринг или за нешто друго од понудите.

Екипа на Мета.мк ги посети учениците кои готвеа храна. Работеа полни со ентузијазам, под надзор на нивни професори кои им даваа насоки. За тоа, дали младите избираат да учат да бидат готвачи и за тоа, како да се спречи заминувањето на работа во туристички места, посебно во летните месеци, зборуваме со в.д. директорот на училиштето, Небојша Вуковиќ во ова интервју.

Интересот за упис на некоја од насоките што ги нудите, опаѓа во последните години. Зошто е тоа така?

Интересот во училиштето, е да речеме, релативен, барем досега. Континуирано опаѓа од година в година, поточно во последните 12 до 15 години. Имаме заедничка вина зашто уписната политика на училиштето не е креирана во целост како што треба. Годинава за прв пат имаме активности насочени кон привлекување на учениците.

Занимањето, односно сите занимања се посебно интересни во повеќе правци. Во постојан контакт сте со луѓе во сферата на угостителството и туризмот. Учениците лесно наоѓаат работа откако ќе завршат. Доведени сме до ситуација да имаме недостаток, не можеме да ги покриеме потребите на пазарот на трудот. Училиштето организира работилници на база на курсеви за готвење за учениците, односно за слаткарство, пекарство и послужување, започнаа од 1 декември, а ќе се одвиваат до крај на април. На крајот ќе добијат сертификат.

Важен проблем во сферата на угостителството е тоа што има континуиран недостиг на работна сила бидејќи нашите млади, посебно во летните месеци, одат да работат во Црна Гора, Хрватска зашто таму заработувачката им е поголема. Како да се надмине овој проблем?

Ние упативме повик до угостителските објекти, сакавме да им кажеме дека ние сме нивно училиште кое создава кадар за нив. Ако тие го прифатат тоа, дека ние создаваме квалитетен кадар, тогаш имаме ситуација во која тие ќе ги исполнат нивните потреби и така ќе создадеме кадар што ќе ги покрие нивните барања. Каде е проблемот? Тој е покрупен. Може да се зборува во финансиски правец, на кој се повикуваат сите, во однос на деловната комуникација со кадарот, односот на менаџментот во секторот… Во сите сегменти има значаен елемент кој го тера кадарот да размислува на различен начин, и тие размислувања најчесто се упатени надвор од нашите граници. Затоа, мора да изработиме стратегија на задржување на кадарот.

Вие сте едно од ретките училишта кое ги продава своите производи на училишта, на физички лица, а храната од кај вас се набавува по пониска цена. За што ги употребувате тие пари кои ги добивате од продажбата?

Ние сме јавна установа и имаме право да организираме реална компанија во која учествуваат учениците. Тие создаваат производи кои потоа се продаваат. Финансиите легнуваат на буџетската сметка. Се распоредуваат за опрема и намирници, потребни за работа на училиштето. Имаме голема потреба од материјали за работа, бидејќи знаете и сами колку чини да се произведе еден производ, без додатоци, без никакви помошни средства кои го потпомагаат во неговиот изглед. Задоволни сме, станува збор за производство на пекарски производи, слаткарски производи, имаме кетеринг услуги кои ги нудиме на реалниот пазар.

Во училиштето ги има насоките келнер, готвач, слаткар и пекар со тригодишно образование и хотелско-туристички техничар со четиригодишно образование. Во училиштето вонредно се образоваат и ученици за сите образовни профили поврзани со угостителско-туристичката дејност, како и со специјалистичко образование: готвач-специјалист, слаткар-специјалист и келнер-специјалист.