Институтот за медиуми и аналитика – ИМА и младиот новинар Ардит Рамадани се добитници на наградата „Илија Жупаноски“ што Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис ја додели за првпат, а е наменета за новинари, граѓански организации или поединци кои придонесуваат во справувањето со дезинформациите во земјата.
Истовремено, новинарката Весна Коловска доби признание за посебен придонес за едукативниот серијал „Дезинформации и ширење на теории на заговор“.
Наградата во категоријата Најдобар новинарски труд, односно стручен труд подготвен од граѓански организации и поединци ја доби Институтот за медиуми и аналитика – ИМА Скопје за стручен труд со серија на содржини кои се меѓусебно поврзани, но се однесуваат на една конкретна тема. Станува збор за содржините: „’Францускиот предлог’: Говор на омраза, дезинформации, медиумски манипулации“ (медиумски анализи), анализата „Медиумите и кампањите со дезинформации и говор на омраза против родова и сексуална еднаквост“, „Руски и проруски дезинформации во Северна Македонија: Анализа на пропагандни наративи и студии на случај“ и „Уставните измени во медиумите: дезинформации, медиумски манипулации, говор на омраза“ (анализи) обработени во ТВ емисијата „Полиграф“ за разоткривање дезинформации и неточни вести. Автори на проектот и сценариото се Петрит Сарачини и Жарко Трајаноски.
„Сите ја доживуваме тешкотијата на борбата против дезинформациите. ‘Полиграф’ е единствен пример на таква емисија на национална емисија, не само во земјава, туку и во регионот, што е еден факт кој е за жалење, бидејќи во светот и во развиените земји гледаме како борбата против дезинформациите ја водат влијателните медиуми. За жал, ние тука не гледаме во земјава таква борба на медиумите со дезинформациите, туку гледаме дека тоа го прават неколку граѓански организации. Секако работата нивна е за пофалба, но не е доволно“, изјавија Сарачини и Трајаноски од Институтот за медиуми и аналитика – ИМА, добитниците на наградата во првата категорија.
Тие порачаа дека борбата против дезинформациите продолжува.
Во категоријата Едукативна мултимедијална содржина подготвена од млади од 18 до 28 години, наградата ја доби новинарот Ардит Рамадани за „Медиумската хистерија за полот на Имане Хелиф влече корени од Русија, медиумите паднаа во замката на Русија, повторно“. Оваа награда се доделува за содржини во кои на креативен и иновативен начин се употребени информациско-комуникациските технологии со цел да допрат до младите и да ги едуцираат за да се јакне отпорноста од дезинформациите.
Рамадани порача дека општествата во Западен Балкан секојдневно се соочуваат со дезинформации и затоа улогата на новинарите е многу важна.
„Секој ден се соочуваме со лажните вести и луѓе коишто имаат конзервативни идеи и споделуваат дезинформации со единствена цел: некоја од тие дезинформации да си го најде својот пат во етерот. Имаше дезинформација што циркулираше и во нашата земја, јас го презедов ризикот во оваа анализа и се обидов да разјаснам какви производи потекнуваат од медиумите во Западен Балкан. За жал, тие придонесуваат за оваа река од дезинформации“, изјави Рамадани.
Наградите беа доделени денеска во рамки на 20-тото издание на Меѓународната конференција Е-општество.мк насловена „Дигитална преобразба за подобар живот“.
Наградата за првата категорија „Најдобар новинарски, односно стручен труд“ изнесува 3.000 евра во денарска противвредност. Наградата за втората категорија „Едукативна мултимедијална содржина подготвена од млади од 18 до 28 г.“, пак, изнесува 1.000 евра во денарска противвредност.
Новинарката Весна Коловска, која доби признание за посебен придонес, рече дека борбата против теориите на заговор е една од најтешките.
„Ние во овој момент се бориме против ‘соседот’ кој шири теории на заговор и се убедуваме да го демантираме со ваков тип на работа, со многуте текстови и мислам дека е најтешко да успееме во теорите на заговор и да ги убедиме граѓаните дека тоа што го испуштаат авионите не е прскање со алуминиум“, рече Колевска, споделувајќи анегдота која била повод за едукативниот серијал „Дезинформации и ширење на теории на заговор“.
Наградата го носи името на Илија Жупаноски, кој беше општествен активист за демократија и активен борец против дезинформациите и против хибридните и сајбер напади врз демократиите на национално и меѓународно ниво.
Жупаноски беше еден од основачите на концептот за дигитална отчетност и транспарентност кој придонесе македонската Влада од 2017 година да биде прва во регионот по проактивна транспарентност и отчетност. Беше советник за дигитални комуникации во кабинетите на Претседателот на Владата на РСМ во периодот 2017-2023.
Претходно имаше значајни постигнувања на полето на младинскиот активизам, во рамки на програмата Економско образование за млади (Junior Achievement), и беше еден од основачите на македонската дебатна асоцијација и директор на Младинскиот образовен форум (МОФ). Дел од кариерата работеше и во приватниот сектор.
Почина ненадејно во ноември 2023 година на 41-годишна возраст.
„Илија беше наш соработник, соборец кој посвети значаен дел од својот живот во согледување на ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија. Иако, за жал, нè напушти прерано, неговата неуморна работа остави неизбришлив белег во општеството, a неговите заложби ќе живеат преку сите нас, кои продолжуваме да се бориме против дезинформациите во одбрана на вистината, односно да градиме општество во кое слободата на говорот е неприкосновена“, изјави на церемонијата програмската директорка во Фондацијата Метаморфозис, Данче Даниловска – Бајдевска.
За наградите одлучуваше комисија составена од еминентни лица од медиумската и јавната сфера: Катерина Блажевска, Дејан Донев, Арта Тахири, Билјана Георгиевска и Назим Рашиди.
Извршната директорка на Советот за етика во медиумите (СЕММ) Билјана Георгиевска информираше дека за наградата се пријавиле десетина новинари и новинарски тимови со 40-тина медиумски продукти. Таа им се заблагодари на сите пријавени новинари и граѓански организации што придонесуваат во разобличувањето на дел од дезинформациите кои кружат во нашата средина.