Министерот за економија, Крешник Бектеши, заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски и директорот на Државниот пазараен инспекторат Стојко Пауновски оствари работен состанок со претставници на најголемите прехранбени компании во земјата.

На состанокот се дискутираше за мерките на Владата за справување на последиците од коронавирусот, како и за залихите на храна кои во моментот ги имаат компаниите од прехранбениот сектор, но и проблемите со кои се соочуваат во тековното работење.
Министерот Бектеши информираше дека владиниот пакет мерки, објавен вчера е само почеток и дека економските ресори во Владата ќе бидат во интензивна комуникација со бизнис секторот се со цел да им се излезе во пресрет во услови на криза.

„Со претставници на најголемите прехранбени компании во земјата разговаравме за состојбата со залихи на храна. Во моментов има доволно храна за сите граѓани. Во овој момент сме обезбедени со залихи на основни прехранбени производи за неколку месеци. Единствен проблем со кој се соочуваат во моментов компаниите е набавката на репроматеријали кои доаѓаат од увоз. Министерството за економија согласно нивните барања, заедно со Министерството за финансии во текот на денешниот и утрешниот ден ќе направиме листа и ќе донесеме одлука за ослободување на одредени давачки кај некои производи“, потенцираше министерот.

Според него целта на ваквите мерки е за да се влијае да не се зголемуваат цените на одредени производи, дури и да се напшрави притисок за намалување на одредени цени.

Министерката за финансии посочи дека преку пакетот мерки ќе се таргетира зголемување на ликвидноста кај фирмите и задржување на работните места, односно преку бескаматните кредити преку Развојната банка, одложувањето на аконтации за данокот на добивка и субвенционирање на 50% од придонесите. Таа наведе и дека денеска на Комитетот за стабилност со Народната банка ќе се зборува за начинот на кој ќе се изведе мерката за репрограмирање на долговите на граѓаните и фирмите, на тој начин што откако ќе заврши мораториумот за плаќање нема да им претставува наеднаш и голема обврска.
„Министерството за финансии ќе направи напори за што побрзо да се вржо повратот на ДДВ со цел да се заштити и зголеми ликвидноста. За месецот веќе има исплатено 1,6 милијарди денари вратено ДДВ, пристигнуваат нови налози оваа недела и ќе продолжиме да ги извршуваме навремено повратите на ДДВ кои во моментов се потребни за ликвидноста на стопанството“, рече Ангеловска.

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски, кажа дека интензиво се работи за да се обезбедни непречен проток на стока, не само со земјите од ЦЕФТА регионот, туку и во рамки на Европската унија.

„Нашите капациети се целосно на располагање и ќе обезбедиме целосен проток на стока. Единствен проблем е од епидемиолошки аспект за возачите кои влегуваат и излегуваат од земјата кои што вршат превоз на стока. Заедно со Здравствениот санитарен инспекторат успеавме да издејствуваме да се издаваат дозволи за возачите, со што се надевам дека ќе се воспостави рутина и камионите слободно ќе транзитираат и ќе се забрза протокот на стоки“, потенцираше Танаскоски.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауноски, уште еднаш алармираше дека таргет на инспекциски контроли ќе бидат оние трговски и компании кои што нема да ги почитуваат одлуките на Владата.

„Граѓаните не треба да креваат паника за зголемувањето на цените, трговците кажаа дека нема да зголемуваат“, потенцираше тој.

Ѓорѓи Петрушев, претставник од земјоделско прехранбениот потенцираше дека целата прехранбена индустрија е максимално мобилизирана. Фокус е ставен на тоа како да се продолжи производството, залихи сите имаат доволно. „Сега е важно да се ставиме во служба на земјата и на потрошувачите. Нема потреба од панично купување на храна. Храна има доволно. Може само да си наштиме ако сите одиме во маркетите и панично купуваме“, потенцираше Петрушев и додаде дека единствен проблем сега е како да се обезбеди увоз на репроматеријали што се со увозни компоненти.