Илустративен хор преку дигитални дела инспирирани од уметноста на Блаже Конески

Фото: „Везилка“ - Иван Коминовски

На Факултетот за ликовни уметности во Скопје е отворена изложба на илустрации за јубилејната книга: „Блаже Конески – поезија и кратка проза“. На оваа ликовна изложба учествуваат седум автори: Гоце Илиевски, Владимир Илиевски, Марија Конеска, Филип Велковски, Елена Ѓорѓиевска, Иван Коминовски кои се претставуваат со 3 дигитални илустрации инспирирани од поезијата на македонскиот великан и тука е наградената авторка Илиана Петрушевска со нејзини 10 илустрации.

„Везилка“ – Илиана Петрушевска, фото: мета.мк

Вкупно се третирани 22 дела, од кои некои се двојно или тројно различно илустрирани.

„Современиот човек веќе со децении живее во дигитално време. Тоа, покрај останатото е време на културата на сликата која како мултидимензионална сфера, ја генерира репрезентацијата на кој било симболички код што го користат и јазикот и сликата. Во тој културен корпус доминантна позиција има илустрацијата. Илустрирањето на лирската позиција е мошне деликатен творечки чин, зашто истовремено ја подразбира интеракцијата, но и трансферот од еден текст во друг, од вребален во визуелен.“, стои во текстот за изложбата на Конча Пиркоска, историчар на уметност.

„Дигиталните илустрации на застапените автори, вдахновени од лирскиот тестамент на Конески меѓусебно се композициски, колористички и стилски различно интерпретирани. Секоја илустрација поеднинечно тредба да асоцира или да ја рефлектира интеракцијата меѓу песната и сликата, и како што едноставно и моќно пее(ше) Конески, така треба да пее овој, а во иднина и некои други илустративни хорови!“, пишува Пиркоска.

Со оваа ликовна изложба, Факултетот за ликовни уметности се приклучува кон чествувањето на јубилејните 100 години од раѓањето на големиот македонски творец и уметник – Блаже Конески. Изложбата ќе биде отворена до петок, 19 ноември.

Фото: мета.мк

За истиот повод, но и по повод 70 години постоење, списанието „Современост“ – списание за литература, култура и уметност вечерва ќе го одбележи својот јубилеј на постоење (1951-2021) во Домот на култура „Кочо Рацин“, Скопје. Истиот се поклопува и со 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, кој и самиот придонел за развојот на „Современост“ по што тие годинава посветија и тематски број на Конески. „Современост“ е директен наследник на „Нов ден“ чиј основач е токму Конески.

Роден на 19 декември, 1921 година во скопското село Небрегово, Конески станува една од најважните фигури на македонската култура, книжевост но и македонскиот иденитет воопшто. Тој ја изработува граматиката на македонскиот литературен јазик и го поставува македонскиот правопис веднаш по ослободувањето од фашизмот. Заслужен е за воведување на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје. Тој е истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог, јазичар, превдувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Еден е од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ. Исто тој е еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија во 1947 година и негов прв претседател. Работел како уредник на литературните списанија „Нов ден“ и „Македонски јазик“, а бил и редовен соработник на списанието „Современост“. Конески е суптилен лиричар, автор на 13 поетски книги, лауреат на значаен број македонски и меѓународни награди и признанија.