fbpx

Иловица: Багерите запреа, блокадите продолжуваат, Владата молчи

-

Од Владата ниту денес нема никаква реакција на настаните околу неотворениот рудник Иловица во непосредна близина на струмичките села Штука и Иловица, иако група мештани веќе четврти ден им го блокира патот на екипите на концесионерот „Еуромакс Рисорсис“.

На денешната блокада, со која селаните и активистите им го попречуваа приодот на работниците ангажирани од „Еуромакс Рисорсис“ и на археолозите на струмичкиот Завод за заштита на споменици, кон локациите за архолошки истражувања, на просторот на рудникот биле присутни и двајцата градоначалници на Ново Село и на Босилово, Никола Андонов и Зоран Зимбаков, информираат од еко-здружението „Здрава Котлина“. Собраните граѓани од нив побарале да го информираат премиерот Зоран Заев за нивните барања.

На терен денес имаше и контра-протест на незадоволни работници ангажирани од „Еуромакс Рисорсис“, на кои не им се исплаќаат целите дневници за работа на археолошките ископувања кои ги финансира концесионерот, па тие се обидоа да го спречат движењето на селаните кои учествуваа на блокадата, но за среќа немаше инциденти.

„Се работи за тенденциозно подбуцнување од страна на „Еуромакс Рисорсис“. Тензиите растат и луѓето се се‘ понервозни, а и полицијата денес имаше засилено присуство“, информира Крум Велков, еко-активист од Струмица.

Мнозинството население од овој дел од струмичката котлина се спротивставува на отворањето на рудникот Иловица, чиј концесионер е компанијата „Еуромакс Рисорсис“.

Владата не достави одговор на прашањето на „Мета“, зошто е издадена дозвола за археолошки ископувања на концесионерот на рудникот, „Еуромакс Рисорсис“, кога според важечките закони, концесијата му е истечена уште во март 2016 година.

„Владата, Министерството за економија и надлежните инспекциски служби, во согласност со законските одредби, редовно ги следат активностите на концесионерот и исполнувањето на законските услови во поглед на вршењето на концесиската дејност и преземањето на потребните мерки за заштита на животната средина“, соопштија од владината прес-служба, наместо одговор на ова прашање.

Оттаму беше повторено и дека „сите одлуки ќе бидат исклучиво во согласност со законите, со интересите на граѓаните, со потребата од развој на регионот и со потребата од заштита на животната средина“.

Археолошките истражувања требале да бидат завршени до 2016 година

„Проблемот е во тоа што археолошките истражувања требале да бидат завршени пред „Еуромакс Рисорсис“ да побараат дозвола за експолатација најдоцна до 24 јули 2016“, вели Ѓорѓи Танушев од „Здрава Котлина“.

Но од непознати причини, наместо тоа, претходната Влада им ја дала концесијата за експлоатација без да го исполнат тој законски предуслов.

Според Танушев, проблемот настанал уште во 2012 кога владата на Никола Груевски на „Еуромакс Рисорсис“ им дала консеција за експлоатација не само занемарувајќи ги штетните влијанија што рудникот требаше да ги има врз животната средина, туку и врз основ на тоа што во студијата за оценка на влијание врз животната средина дословно стои дека „во рамките на локацијата на проектот не постојат значајни археолошки подрачја и локалности со културно наследство кои би претставувале ограничувачки фактор во процесот на планирање на проектните активности. Од таа причина, при спроведување на проектот не се очекувааат влијанија врз културното археолошко наследство“.

Меѓутоа се покажа дека вредна археологија има токму на теренот на идниот рудник. Во 2015 година, тогашниот директор на Управата за културно наследство, Виктор Лилчиќ ги објави резултатите од археолошките истражувањаа токму на просторот наад селата Штука и Иловица каде треба да биде отворен рудникот, според кои се работи за вредна доцноантичка тврдина во месноста Црквиште.

Сегашните обиди на „Еуромакс Рисорсис“ да ги заврши набрзина археолошките истражувања на концесискиот простор, вели Танушев, се битен предуслов за потоа, доколку се докаже дека нема важни археолошки наоди, да може да биде извршена пренамена на земјиштето од земјоделско во Г1- тешка и загадувачка индустрија и со тоа да им се отвори патот за добивање дозвола за експлоатација.

Отпорот на жителите на овие струмички села датира уште од 2017 година, кога се одржаа референдуми против изградба на рудниците. Иако пропаднаа, како што беше оценето поради обиди за политиски притисоци и застрашувања на локалното население од страна на тогашната локална и централна власт, на референдумите се надоврзаа и протести и барања на граѓаните упатени до премиерот Зоран Заев, да не се отворат, како што беа наречени, „рудниците на смртта“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...