Илон Маск создал посебен систем за неговите твитови да им бидат прикажувани први на корисниците

Ministério Das Comunicações, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Откако неговиот твит по Супербоул постигна полоши бројки од твитот на американскиот претседател Џо Бајден, извршниот директор на Твитер Илон Маск нарачал големи промени во алгоритмот на платформата, пишува „Врџ“ повикувајќи се на документи од „Платформер“.

Братучедот на Маск и вработен во Твитер, Џејмс Маск, во понеделникот наутро испратил итна порака до инженерите во компанијата дека е потребно да се „реши проблем со ангажманот низ платформата“. Кога инженерите се логирале на нивните лаптопи, природата на „итната состојба“ станала јасна – твитот на Илон Маск за Супербоул добил помал ангажман од оној на претседателот Бајден.

Твитот на Бајден, во кој тој вели дека ќе ја поддржува својата сопруга во навивањето за Филаделфија Иглс создал речиси 29 милиони впечатоци. Маск, кој исто така твитна за својата поддршка кон „Иглс“, создаде нешто повеќе од 9 милиони впечатоци пред да го избрише твитот во очигледна фрустрација, додава „Врџ“.

Во пресрет на загубите – онаа на „Иглс“ од Канзас Сити Шефс и таа на Маск од претседателот на САД, извршниот директор на Твитер во неделата вечерта со својот приватен авион одлетал во Сан Франциско, каде што се наоѓа седиштето на Твитер, за да побара одговори од неговиот тим.

За само еден ден, последиците од состанокот одекнаа низ целиот свет, откако корисниците на оваа социјална мрежа веќе следниот ден, отворајќи ја апликацијата, открија дека објавите на Маск доминираат највисоко на нивните почетни страни.

Ова не било случајно, потврдува „Платформер“ – откако Маск се заканил дека ќе ги отпушти неговите преостанати инженери, тие изградиле систем дизајниран да осигури дека Маск ќе има корист од досега нечуена промоција на неговите твитови до целата корисничка база.

Во последните недели, Маск е опседнат со обемот на ангажман што го добиваат неговите објави.

Доцна во неделата вечерта, Маск му се обратил лично на својот тим, а околу 80 луѓе работеле на проектот кој брзо станал приоритет број еден во компанијата. Вработените работеле цела ноќ истражувајќи различни хипотези за тоа зошто твитовите на извршниот директор веќе не допираат до толку многу луѓе колку што тој мислел дека треба.

Една од можностите, според инженерите, била дека досегот на Маск можеби е намален бидејќи во последните неколку месеци тој бил блокиран и „исклучен“ од многу корисници. Покрај ова, постоеле и легитимни технички причини поради кои твитовите на извршниот директор не функционирале.

До понеделникот проблемот веќе бил решен – Твитер употребил код за автоматско „зелено осветлување“ на сите твитови на Маск, што значи дека неговите објави ќе ги заобиколат филтрите на Твитер дизајнирани да им ја покажат на луѓето најдобрата можна содржина. Алгоритмот сега вештачки ги зголемил твитовите на Маск за фактор 1.000, со што е обезебдено неговите твитови да се рангираат повисоко од кој било друг.

По бурните реакции од корисниците, Маск сугерираше дека промените ќе бидат повлечени делумно, а алгоритмот ќе биде „прилагоден“.