Илон Маск: Само верификувани сметки ќе може да гласаат на анкетите за политиките на Твитер

фото: Brett Jordan на Unsplash

Сопственикот на Твитер, Илон Маск се обрати за првпат на социјалната мрежа откако повеќе од 10 милиони корисници гласаа за тој да се повлече од местото извршен директор на компанијата. Во твитот, Маск напиша дека само претплатените корисници на „Твитер Блу“ функцијата ќе можат да гласаат на идните анкети кои се однесуваат на политиките на компанијата, пренесува Гардијан.

Во неделата Маск ги праша корисниците на Твитер дали треба да се повлече од директорското место во компанијата, ветувајќи дека ќе се придржува до резултатите од анкетата. Кога гласањето беше затворено, 57,5 отсто од тие што одговориле на анкетата гласале за повлекување на Маск.

Маск не објави ниту еден твит неколку часа по завршувањето на анкетата, а неговиот молк беше прекинат кога тој одговори на повеќе коментари дека резултатите на анкетата биле „искривени“ од лажните кориснички сметки.

Во одговор на корисник кој искоментира дека е потребно само претплатниците на „Блу“ функцијата да можат да гласаат на анкети кои се однесуваат на политиките на Твитер, Маск напиша „Добра поента. Твитер ќе направи ваква промена“.

„Твитер Блу“ подразбира претплата која му дозволува на кој било корисник да купи син беџ со кој се потврдува неговиот идентитет на платформата.

Според Гардијан, како мнозински сопственик на компанијата, никој не може да го принуди Маск да се повлече од местото извршен директор на Твитер, но неколку збунувачки одлуки изминативе денови доведоа до тоа дури и најблиските поддржувачи да ги прекинат врските со Маск.

Минатата недела, откако го избриша корисникот што ја следеше локацијата на неговиот приватен авион, Твитер суспендираше неколку новинари критички настроени кон Маск и социјалната мрежа.

Во неделата Илон Маск забрани на Твитер да се поставуваат линкови до другите социјални мрежи како ривалот Мастодон, Инстаграм, Фејсбук и некои помали платформи. Ваквата забрана подоцна беше повлечена.