Илон Маск нашол заменичка што ќе го води Твитер

Во преговори за местото извршен директор на Твитер е шефицата за рекламирање во „NBCUniversal“ (Ен-би-си Јуниверзал), Линда Јакарино

Ministério Das Comunicações, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Илон Маск вели дека нашол нова извршна директорка што ќе го води Твитер. Тој веста ја објави на оваа социјална мрежа, која ја купи минатата година за 44 милијарди долари.

Маск не го именуваше новиот шеф на платформата, но рече дека „таа“ ќе почне со работа за шест недели, а тој пак ќе стане извршен претседател и главен директор за технологија во компанијата.

Би-би-си пишува дека Илон Маск беше под притисок да именува некој друг да го води Твитер за тој да може да се фокусира на неговите останати бизниси.

Минатата година, преку анкета што ја објави самиот Маск, повеќето корисници гласаа за тој да се повлече од шефовското место во Твитер.

Според Волстрит Журнал и „Вајраети“, во преговори за местото извршен директор на Твитер е шефицата за рекламирање во „NBC Universal“ (Ен-би-си Јуниверзал), Линда Јакарино.

Инаку, по ваквата објава на Маск, акциите на неговата друга компанија „Тесла“ повторно пораснаа. Тој претходно беше обвинет од акционерите дека ја напуштил компанијата откако го презел Твитер и го оштетил автомобилскиот бренд.

Би-би-си потсетува дека ако Маск навистина назначил жена за директорка на Твитер, тоа би ја направило една од ретките жени кои го достигнале врвот во голема технолошка компанија. Жените сочинуваат помалку од 10 отсто од директорските места на технолошките компании кои се дел од најголемите 500 американски компании.