Илон Маск го сруши Гинисовиот рекорд за најголема загуба на богатство

Ministério Das Comunicações, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Илон Маск го собори светскиот рекорд за најголема загуба на лично богатство во историјата. Од ноември 2021 до декември 2022 година тој изгубил околу 165 милијарди долари, објави Гинисовата книга на рекорди во блог на својата веб-страница, пренесе Би-би-си.

Бројките се засноваат на податоци од магазинот „Форбс“, но Гинис рече дека други извори сугерираат дека загубите на Маск можеле да бидат поголеми.

Тоа следи по падот на вредноста на акциите во компанијата за електрични автомобили на Маск, „Тесла“, откако тој го купи Твитер минатата година.

Неговото преземање на компанијата која управува со социјалната мрежа „тешко“ 44 милијарди долари, предизвика загриженост кај инвеститорите дека Маск повеќе не ѝ посветува доволно внимание на „Тесла“.

Загубите на Маск од ноември 2021 година го надминуваат претходниот рекорд од 58,6 милијарди долари (47 милијарди фунти), што го претрпе јапонскиот технолошки инвеститор Масајоши Сон во 2000 година.

Проценетата загуба се базира на вредноста на неговите акции, кои би можеле да ја вратат нивната вредност, што значи дека богатството на Маск повторно ќе се зголеми.

Во декември, шефот на Тесла ја загуби позицијата „најбогат човек“ на светот од Бернар Арно, извршен директор на француската компанија за луксузни производи LVMH, која е сопственик на модната марка „Луј Витон“.

Маск не е единствениот милијардер чие богатство се намали во 2022 година, бидејќи американските милијардери минатата година изгубиле вкупно 660 милијарди долари.