Илјадници љубители на јапонската култура ја преполнија „Мала станица“ на „Нихон-џи“ фестивалот

На панелот „Лекции од Јапонија: Миксот на традиција и технологија како вистински рецепт за унапредување на општеството“, панелист беше директорот на фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари, чии професионални интереси главно се во сферата на новите технологии, медиумите, граѓанскиот активизам, е-владата и учеството

Фото: „Нихон-џи 2.0“

Илјадници љубители на јапонската култура ги преполнија просториите на „Мала Станица“ и уживаа во богатата програма на фестивалот „Нихон-џи 2.0“, со кој неформалната организација Japan@mk, веќе втора година по ред, ја доближува Јапонија поблиску до локалната публика. Второто издание на фестивалот на јапонска култура, именувано како „Неонски бранови“, се одржа во саботата, на 27 мај, а целодневниот настан беше свечено отворен со говор и музички перформанс со класична гитара на јапонскиот амбасадор, Оцука Казуја.

„Овој фестивал е креиран од заедницата за заедницата и неговото остварување е овозможено од сите поддржувачи на јапонската култура. Следната година е триесет годишнината од дипломатските односи помеѓу двете земји и гледајќи ја заинтересираноста верувам дека ќе имаме година исполнета со уште повеќе културни настани. Сите култури се драгоцени и сите може да научиме нешто едни од други. Културата е духот на општетството и е од неизмерна важност за градење на здрава заедница“, порача амбасадорот.

Фестивалската програма и оваа година понуди разновидна содржина која задоволувa дијаметрално различни вкусови.

Публиката имаше можност да проследи три панел дискусии на значајни теми, вклучително „Зошто јапонците го користат Ganbatte? – Каизен концептот за постојано подобрување“ ( учесници: Делчо Јованоски, Ташко Ризов, Чие Нагашима; модератор: Ева Лисичова), „Лекции од Јапонија – Миксот на традиција и технологија како вистински рецепт за унапредување на општеството“ (учесници: Костадин Хаџибанов, Бардил Јашари, Виктор Стефковски; модератор: Билјана Кочоска) и „Ghost in the shell, што значи да се поседуваш себеси?“ (учесници: Златко Гелески, Калија Димитрова, Вангел Ноневски; модератор: Билјана Кочоска).

На панелот „Лекции од Јапонија: Миксот на традиција и технологија како вистински рецепт за унапредување на општеството“, беше зборувано за технологијата која секогаш била вклучена во јапонската традиција. Панелист беше директорот на фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари, чии професионални интереси главно се во сферата на новите технологии, медиумите, граѓанскиот активизам, е-владата и учеството.

Во рамки на настанот беа прикажани и три филмови, меѓу кои и краткометражниот филм „Oyasumi baby“, „Џиро сонува за суши“ и анимето „Ghost in the shell”. И оваа година, како и минатата, публиката беше присутна на презентација на боречки вештини. Се претставија седум различни доџоа, и тоа: Македонската Аикидо Федерација со аикидо, ЈКА Македонија и Bushido Dojo со карате, Bushido school Yamamori со шуготенши каратедо, Mioki Клуб со Џудо, The Strongest Macedonia со Бразилско џиуџитсу, Пат кон мирот аикидо клуб со аикидо и Aikido Klub Hoshi со аикидо.

Беше прикажана и двојна уметничка изложба, од која првата беше посветена на реномирани македонски уметници, меѓу кои Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска, Жарко Башески, Љупка Делева, Златко Крстевски, Дејан Спасовиќ и Доротеј Нешоски, додека пак на втората се претставија млади уметници и креативци кои изложија дела креирани според дадена тема. За оваа група уметници, селектор беше Беди Ибрахим – македонски вајар, сликар, сценограф и универзитетски професор на ФЛУ, Скопје.

Фестивалот и оваа година беше збогатен со презентација на модни креации инспирирани од Јапонија. Беа изложени креации од Нела Тодоровска – Маригуча, која се претстави со колекција со футуристички елементи инспирирани од Јапонскиот авангарден стил, а нејзините студенти од Технолошкиот факултет во насоката Текстил, дизајн и моделирање, ставија фокус на самоодржливоста преку деконструкција на Јапонската улична мода користејќи рециклирана македонска облека.

Дизајнерката Силвија Алшар се претстави со колекција инспирирана од филмската франшиза „Војна на ѕвездите“ и особените карактеристики на јапонската традиционална облека, додека пак Роберт Ивановски прикажа своја оригинална машка колекција директно инспирирана од јапонските традиционални боречки облеки – кендоги и хакама.

Љубителите на поезијата имаа можност да уживаат во хаику перформанс на македонски хаику поети, меѓу кои Владимир Мартиновски, Николина Андова, Искра Донева, Дејан Василевски и Александар Маџаровски, а јапонската традиционална култура беше уште повеќе доближена преку работилниците и презентациите за оригами и калиграфија заедно со Чие Нагашима, Јуко Сакагучи, Мила Симоска и Кирил Петровски.

Публиката уживаше и во презентации кои ги опфатија поп-културата и високата технолошка развиеност во Јапонија преку прзентациите за Аутомата со Елена Трајкоска-Бојаџиска, Роботика со Сивус, Центарот за едукација и развој, Косплеј со Ива Стојческа и Манга со Ристо Манасиев.

Во рамки на гејминг хабот, се одржаа два турнири во видео игри, од кои „Guilty Gear -Strive“ во организација на Red Fist Dojo и овозможен од Македонската еСпорт Федерација, и „sNES Dragonball Z Hyper Dimension“ овозможен од Божиновски часовници и накит. Се одржа и турнир во игри со карти „Yu-Gi-Oh“ во организација на Гоблин друштвени игри, кои исто така застанаа зад релаксираното ќоше каде присутните имаа можност да играат и испробуваат друштвени игри со јапонска тематика без да се натпреваруваат.

Се одржа и дебата на дебата на тема „Attack on Titan” – The rumbling е најдобрата одлука за спас на елдијанската раса!, предводена од членовите на дебатниот клуб МОФ од Делчево, а за дополнителна рекреација, волонтерите на фестивалот организираа Аниме квиз. Настанот беше дополнително збогатен и со музичка програма, и публиката имаше можност да ужива во музиката на колективот Maborosi, составен од Ају Саита (вокали), Јордан Костов (хармоника, пијано) и Саша Саита (перкусии, гитара) и Андреа Мирческа (контрабас) и адреналинскиот електронски сет на скопскиот диџеј Andreas Hz, кој е препознатлива и активна фигура во клупската музичка индустрија со кој се затвори второто успешно издание на Нихон-џи фестивалот за јапонска култура.