Во зградата на Македонската радио телевизија, во која се сместени неколку државни агенции, комисии, органи при министерства, повеќе од две недели нема вода. Додека се шири реа низ ходниците од валканите клозети во зградата, одговорните си ја префрлаат одговорноста за проблемот. Од Владата, која управува со зградата велат дека јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје не обезбедува доволен притисок во доводот на вода, а од претпријатието пак, со кое стопанисува Град Скопје, велат дека за да има вода на горните спратови треба да се пуштат хидрофорните пумпи во зградата.

Со зградата стопанисува Службата за општи и заеднички работи на Владата. Директорот Ивица Томовски за Мета.мк вели дека со недели не успева да се разбере со надлежните во Водовод.

Фото: Социјални мрежи

„Зградата на МТВ е во наше владение, ние се грижиме за зградата, односно за струјата, водата. За одржување хигиена имаме договор со надворешна фирма, но сега проблем е што нема вода. Објектот има 18 спратови, а дневно гравитираат 1.000 луѓе. Од Водовод и канализација ни велат дека има доволен притисок во зградата, ние велиме дека нема. Велат дека пумпите не ни работеле, па ние им одговоривме дека ни работат. Не се разбираме. Овој проблем го немавме лани, прелани. Доводот на вода е низок, 1.5 бари, а треба да биде најмалце 3 бари. Ова е нешто што само претпријатието Водовод и канализација може да го реши“, вели Томовски.

Мета.мк се обрати и во претпријатието, од каде што велат дека за да има вода на горните спратови во зградата на МТВ треба да се вклучат хидрофорните пумпи.

„Поради зголемено и неконтролирано трошење на вода во овој период од годината градскиот водоводен систем функционира со намален притисок со повремени прекини на вода. За конкретниов случај, каде кажавте дека во погорните спратови нема вода, екипите на ЈП Водовод и канализација-Скопје излегоа на терен и за зградата на Македонска телевизија канстатираа дека во зградата има хидрофорни пумпи кои се после трет спрат на зградата и затоа е потребно самите корисници да превземат активности за зголемување на нивниот капацитет. Внатрешната инсталација на зградата не е во надлежност на ЈП Водовод и канализација и ако е потребно зголемување на притисокот на водата можното решение веќе е објаснето“, велат од претпријатието.

Фото: Социјални мрежи

Во меѓувреме, немањето вода толкав период на овие високи температури, е здравствен ризик за вработените кои престојуваат на работните места во оваа зграда. Сепак, досега никој оттаму не поднел претставка до Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ), од каде би направиле надзор и би изрекле мерки.

Без вода на работното место, лошата хигиена може да доведе до зголемен ризик од појава на болести, вклучувајќи дијареја, респираторни инфекции и кожни инфекции. Исто така, може да создаде непријатни услови за работа, со непријатни мириси и потенцијал за раст на бактерии на површините. Некои од главните здравствени ризици ако се работи во средина во која нема вода, се зголемен пренос на болести, потоа, појава на респираторни инфекции, кожни инфекции.