„Илинден е нашиот код, идеја за заедништво и прогрес, што гради мостови. Тоа е идеја која поврзува, а не што дели. Идеја која развива и интегрира, а не што блокира и изолира.“, рече премиерот Димитар Ковачевски на централната манифестација на Мечкин Камен во Крушево, на одбечежувањето на големиот државен празник 2 Август, Денот на Републиката – Илинден и додаде дека нема поголем патриотизам од носењето државнички одлуки.
Ковачевски посочи дека прогресивната суштина на илинденската идеја живее во секој чекор што го преземаме и во секоја одлука која ја носиме како држава и како општество. Визијата на револуционерите кои се издигнале над своето време, Гоце Длчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански, Никола Карев… за обединување, еднаквост, праведност и перспективност, е аманет кој обврзува доживотно.
„Илинден е нашата сила и за современа модерна, економски развиена, европска Северна Македонија. Илинден е нашата сила да продолжиме да градиме заедничка држава на сите граѓани без предрасуда и држава интегрирана во Европа рамо до рамо со демократиите во светот. И од ова назад нема. Има само напред“, рече Ковачевски.
Денес С. Македонија е пример како се градат добрососедски односи, земја која се интегрирше во НАТО како почитувана членка, а за која вратите ги отвори и Европската Унија прифаќајќи ја нашата посебност како македонци кои говорат македонски јазик и како мултикултурна држава која може да придонесе во развојот на интегративниот концепт на европската идеја.
„Илинденците јасно порачаа, каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме. Ние денес, испирирани од визионерите илинденци и асномци, градиме совремнена, прогресивна, економски развиена држава, градиме земја на пријателства и соживот. Нема поголем државен приотитет од патот напред кој носи перспективи за иднината на младите и економски напредок за граѓаните. Тоа е можно само со интеграцијата во европското семејство. Повикувам на обединување на генерациите на денешнината за остварување на оваа стратешка државна цел“, нагласи Ковачевски.
Премиерот денеска ја предводи владината делегација во која се првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски како и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Со државна почест и чествување, големиот национален празник Илинден се одбележува во Крушево, и со положување свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република.