Илија Ивановски е нов студентски правобранител на УГД

Новиот студентски правобранител на УГД, Илија Ивановски

Студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип го добија новиот правобранител – студентот Илија Ивановски.

Од Универзитетското студентско собрание на УГД соопштија дека со одлука на Сенатот е потврден неговиот мандат. Ивановски е студент во четврта година на Факултетот за медицински науки.

Од УСС УГД информираа дека за сите прашања и информации кои се од неговата област студентите ќе можат да се обратат на електронската адреса [email protected].

Примарна работа на студентскиот правобранител е заштита на правата на студентите, односно секогаш кога некој студент или студентка смета дека неговите или нејзините права се прекршени, треба да се обрати кај правобранителот со цел решавање на конкретниот проблем.

Студентскиот правобранител може да постапува по поднесоци од страна на студентите или пак по сопствена иницијатива, кога ќе утврди дека има одреден проблем, а за својата работа поднесува извештај до Сенатот на Универзитетот.

Студентски правобранител на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е Теа Мицевска, која за оваа функција беше избрана во ноември минатата година и има мандат од две години.

Вршител на должност студентски правобранител на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, пак, е Емилија Баткоска.