Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ веќе трет месец не доставува одговори на поставените прашања за неколку значајни проекти.

„Мета.мк“ изминатово лето во повеќе наврати испраќаше барања за одговори по електронска пошта, а во неколку наврати се обиде и телефонски да добие податоци за значајни теми за железничката инфраструктура. Од јули до денес, ниту едднаш не е одговорено на нашите прашања.

Само во изминатиов месец, во три наврати по електронска пошта побаравме одговори на прашања поврзани со изградбата на директна железничка врска до Меѓународниот аеродром Скопје. Кон средината на јули, „Мета.мк“ испрати официјално барање за издавање на дозвола за фотографирање на пругата Куманово – Бељаковце, но ниту на ова барање не ни беше одговорено. Должна реакција не добија ниту нашите прашања во врска со железничкиот Коридор 8, за кои првото барање беше испратено на 25 јуни годинава.

Помошникот директор за општи работи во ова јавно претпријатие, Невзат Мамути вчера во телефонски разговор ни посочи дека е на боледување. Тој не можеше да ги одговори прашањата ниту во август, кога преку порака од неговиот телефон ни објасни дека е на одмор. Никој не се јавува ниту на телефонот во дирекцијата на ЈП за железничка инфраструктура, каде што сѐ уште директор е Ирфан Асани.

Владата на 145 – та седница одржана летово даде препорака за разрешување на актуелниот директор Ирфан Асани, но самата одлука за разрешување треба да ја донесе управниот одбор на ова јавно претпријатие. Кон крајот на јули, владата донесе препорака до управниот одбор за именување на Фестим Халили за директор на ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ. Но, ниту оваа препорака до денешен ден не е спроведена.

Во телефонски разговор за „Мета.мк“, Фестим Халили накратко ни објасни дека сѐ уште не е назначен за директор на ова јавно претпријатие, а за сите дополнителни прашања за работењето на железницата не упати на одговори кај актуелното раководство.

И додека трае целата оваа рашомонијада, медиумите не можат да добијат одговори на значајни прашања за железничката инфраструктура во земјава. Во меѓувреме, крајниот рок за завршување на пругата на Куманово – Бељаковце е одложен за наредната година, се појавија проблеми со УНЕСКО околу трасирањето на идната пруга меѓу Македонија и Албанија долж Охридското езеро, а во моментов трае и тендерската постапка за избор на изведувач што ќе ја гради втората фаза од железничкото поврзување со Бугарија, проект вреден над 140 милиони евра што треба да се гради меѓу Бељаковце и Крива Паланка.