Фото: Ketut Subiyanto на Pexels

Институтот за јавно здравје, ИЈЗ, го објави извештајот за состојбата со заболените од ковид-19 за периодот од 14 до 20 декември 2020 година. Според него, тестирани се вкупно 15.607 материјали во лабораториите за присуство на SARS-CoV-2, што е  намалување од 1,6 отсто во споредба со една недела претходно. Во споменатиот  период, процентот на позитивни од тестирани случаи изнесува 29,3 отсто, помалку за 5,5 отсто.

Регистрирани сe 4.585 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, или помалку за 16,9 отсто, во однос на една недела претходно. Најголем дел од случаите сѐ уште се од Скопје (n=1.960; 42,7 отсто), со неделна инциденца – 221,6/100.000.

Заболените лица се од сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група од над 60 години (n=1.343, 29,3 отсто). Голем број на заболени има и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=885; 19,3 осто), од 30-39 (n=810; 17,7 отсто), од 40-49 (n=801; 17,5 отсто) и од 20-29 (n=509; 11,1 отсто). Најмал број заболени има кај децата од 0-9 (n=59; 1,3 отсто) и 10-19 години (n=178; 3,9 отсто).

„По два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 4.513 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, за 15,1 отсто помалку во споредба со минатата недела“, соопштија од ИЈЗ.

Пријавени се 159 смртни случаи од 25 градови, помалку за 8,6 отсто во однос на минатата недела. Според возраста, 131 лице имале над 60 години, 17 лица биле на возраст од 50-59 години, 8 смртни случаи се од возрасната група 40-49 години и три случаи од лица на возраст од 30-39 години.