Фото: Арбнора Мемети

Во периодот од 9 до 15 ноември тестирани се вкупно 20.980 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што претставува зголемување од 6,4 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 7.355 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со незначително зголемување во однос на минатата недела, кога беа регистрирани 7.280 нови случаи, соопшти Министерството за здравство, согласно Неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.

Оттаму информираат дека најголем дел од регистрираните случаи и натаму се од Скопје (44,9 отсто), со неделна инциденца – 535,1/100.000. Во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 35 отсто, намалување за 2 отсто во однос на минатата недела.

Како што покажува извештајот на ИЈЗ, од случаите кои се епидемиолошки истражени, регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (22,4 проценти). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 години (20,3 отсто), 40-49 години (19,5 отсто), 50-59 години (19,2 отсто) и 20-29 години (13,1 процент). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години (1,6 проценти) и 10-19 години (3,9 проценти). Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 3.731 (50,7 отсто) лица од машки и 3.624 (49,3 отсто) од женски пол.

Во споменатиот период, од добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 3.524 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 11,6 отсто повеќе од минатата недела.

Од ИЈЗ посочуваат дека пријавени се 172 смртни случаи од 23 града, зголемување од 35,4 проценти во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 135 лица биле над 60 години, 26 лица на возраст од 50-59 години, 9 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и два случаи во возрасната група од 30-39 години. Од смртните случаи, епидемиолошки се истражени 155 или 90,1 проценти.