Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска објави препораки за населението нво Гостивар, по забраната за употреба на водата за пиење од градскиот водоводен систем, која Агенцијата за храна и ветеринарство ја изрече на 17 јули, поради сомнение дека водата е загадена и небезбедна за употреба.

Од ИЈЗ апелираат граѓаните строго да ги почитуваат препораките сѐ до официјално известување од надлежните институции дека водата повторно е безбедна за пиење.

Според препораките, водата од градскиот водовод не смее да се користи за пиење, ниту по превривање, освен ако надлежните институции не дадат поинаква препорака. За пиење, подготовка на храна, миење овошје и зеленчук што се консумираат свежи, подготовка на мраз, кафе, чај, сокови и храна за доенчиња, граѓаните треба да користат исклучиво фабрички пакувана, односно флаширана вода.

ИЈЗ препорачува редовно миење на рацете со сапун и безбедна вода, а доколку тоа не е возможно, да се користат средства за дезинфекција на база на алкохол кога рацете не се видливо извалкани. За миење на забите исто така треба да се користи исклучиво безбедна вода, додека при туширање и капење се препорачува користење безбедна или превриена вода, со внимание таа да не се голта.

Во препораките се наведува дека храната треба добро термички да се обработува и да се избегнува подготовка на јадења што не се готват доколку нема безбедна вода. Исто така, се препорачува користење еднократен прибор и садови за јадење за да се намали потребата од миење.

За угостителските објекти важат дополнителни препораки, да не користат вода од водоводот за подготовка на пијалаци, миење овошје и зеленчук, ниту за производство на мраз, а храната да ја подготвуваат исклучиво со безбедна вода.

Во градинките, децата треба да пијат само флаширана вода, да не се користат чешмите за полнење шишиња, а храната да се подготвува со безбедна вода.

ИЈЗ предупредува дека небезбедната вода може да биде извор на бактериски, вирусни и паразитарни инфекции кои предизвикуваат гастроентеритиси. Граѓаните кои ќе почувствуваат симптоми како дијареја, повраќање, гадење, стомачни грчеви, покачена температура, слабост или знаци на дехидратација треба веднаш да се јават кај матичен лекар или во најблиската здравствена установа. Особено внимание се препорачува кај доенчиња, мали деца, бремени жени, постари лица и лица со хронични заболувања или ослабен имунитет.

Од Институтот апелираат граѓаните редовно да ги следат известувањата на надлежните институции, а водата од градскиот водовод повторно да ја користат за пиење само по официјално соопштение дека забраната е укината и дека водата е безбедна.